НБА повеќе личи на болница отколку на лига

56

Најквалитетното клупско кошаркарско натпреварување, НБА-лигата, во моментов повеќе личи на болница отколку на лига. Ѝ нема крај на агонијата од повреди во НБА, а списокот со играчи што ја завршија сезоната е сè подолг.

Нов на листата со повредени кошаркари е играчот на Њу Орлеанс, Треј Марфи, кој ќе го пропушти остатокот од сезоната поради повреда на десното рамо.

  • На Треј Марфи му беше дијагностицирано кинење на лабрумата и делумно кинење на манжетната на десното рамо. Повредата настана кога го дислоцираше десното рамо во текот на првата четвртина од натпреварот против Детроит. Магнетната резонанција ја потврди дијагнозата. Марфи ќе го пропушти остатокот од сезоната 2024/2025 – се вели во соопштението на Њу Орлаенс.

Марфи (24) оваа сезона во просек бележеше најголем број поени во кариерата (21,6), скокови (5,2) и асистенции (3,6).

Њу Орлеанс го загуби 51. натпревар сезонава, со поразот од Детроит (81:127) и моментално се наоѓа на 14. место на табелата на Западната конференција.

Марфи не е единствениот играч на Пеликанс што ја заврши сезоната поради повреда, бидејќи истото им се случи и на Херб Џонс и на Дежонте Мареј.

Сезонава, голем број НБА-играчи ја завршија сезоната поради повреда, како што е Кам Томас од Бруклин, кој се здоби со повреда на тетивата, Ајо Досунму од Чикаго има повреда на рамото, додека Лонзо Бол сè уште е под прашалник.

Далас има огромен број повредени. Заврши сезоната на Кајри Ирвинг поради скинати лигаменти на коленото, на Оливие Максен-Проспер поради повреда на зглобот на десната рака, а Ајсаја Џексон од Индијана имаше операција на коленото уште во ноември и, најверојатно, нема да игра повеќе оваа сезона.

Сезонава, како што стојат работите, и српскиот ас Никола Јовиќ од Мајами ја заврши сезоната, иако официјално не го потврдија тоа од тимот. Но, во овој тим се повреди Дру Смит, кој се здоби со повреда на коленото и предвреме ја заврши сезоната.

Мо Вагнер од Орландо, исто така, ќе го пропушти остатокот од тековната сезона поради операција на коленото, како и соиграчот Џејлен Сугс.

Џоел Ембид од Филаделфија повторно нема да ја заврши сезоната поради големи проблеми со повредите, а „Фили“ неодамна објави дека и Пол Џорџ ја завршил сезоната. Ерик Гордон, исто така, не е здрав и нема да го гледаме оваа сезона, а истото важи и за дебитантот Џеред Мекејн.

Сан Антонио спарс и официјално го отпиша Диерон Фокс до крајот на сезоната поради повреда на тетивата и на малиот прст на левата рака, Виктор Вембањама нема да игра понатаму поради проблеми со рамото, а нема да игра ниту Рајли Миникс, кој има повреда на левото рамо и мораше да оди на операција.

Улрих Чомче од Торонто е надвор од терените поради повреда на десното колено, а Тејлор Хендрикс од Јута имаше операција на десниот прст и, најверојатно, нема да биде виден оваа сезона.

Садик Беј од Вашингтон, исто така, ги одигра сите свои натпревари оваа сезона, а, веројатно, повторно нема да го видиме ниту Малколм Брогдон.

 

ИЗДВОЕНИ