Навреди, дискредитации, тешки зборови… наместо дебата во храмот на демократијата!

558

Навреди, омаловажувања, пцости, дискредитации, тешки зборови, невкусни споредби, понижувања, омаловажувања…, сето ова и натаму се слуша во македонското Собрание. Наместо примерна и демократска дебата се упатуваат погрдни зборови на кои следи возвраќање со иста мера, а со што храмот на демократијата станува арена на невкусот, на некултурата, на вербалните валканици. „Вошка“, „Стока“, „Жена ти да ја…“ …, само се дел од оние најгрди зборови коишто излегуваа од устата на македонските пратеници и политичари. Тоа е нешто што го срозува нивото на комуникацијата, но и сее нетрпеливост и омраза меѓу граѓаните од сите генерации. За жал, завчера приземниот репертоар на навредливите зборови отиде уште подолу. Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска своето непочитување на пратеничката Славјанка Петровска го искажа со споредбата за тоа дека Петровска немала деца и не била мажена.

-За да кажам почитувана, треба да ја заслужите мојата почит. Врз основа на што вие ги ставате во уста мајките што имаат деца и како знаете вие едно повеќечлено семејство колку треба да троши. Јас имам два сина и знам колку троши четиричлено семејство? – ѝ кажа Кочовска, одговарајќи ѝ на пратеничкото прашање.

Ваквите зборови со кои на опозициската пратеничка, но и на сите жени кои немаат семејство и деца, им се одзема правото да зборуваат за општествени теми, предизвикаа бран на револт и реакции во јавноста. Во него доминираа осуди, барања за извинувања, оставка…, но имаше и ставови со кои се наоѓаше разбирање за изјавата на министерката за финансии.

Пратеничката група на СДСМ и коалицијата, вчера, пред Министерството за финансии побараа оставка од Кочовска.

-Министерка која понижува граѓанка на оваа држава, која навредува пратеничка, која шири дискриминација, не заслужува да води министерство, не заслужува да седи во влада која тврди дека работи за сите граѓани. Затоа, денес сме тука, гласно и јасно да побараме – Гордана Кочоска мора да си поднесе оставка. Оставка ќе бараме секој ден додека не си оди од функцијата. Само така може да ги заштитиме граѓаните од идна дискриминација. Кога министерка во оваа држава ќе се осуди да каже дека една жена не може да зборува за семејството само затоа што нема деца, тогаш тоа не е само навреда. Тоа е удар врз достоинството на сите нас. Тоа е ароганција, тоа е дискриминација, тоа е нечовечност – нагласи пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска

Набрзо потоа дојде и одговорот од министерката за финансии која соопшти дека за неа „темата е затворена“.

-Веќе изразив жалење за целиот контекст, но и самите сте свесни дека народот има поважни теми од лажни теми што служат за дефокусирање. Немав намера да навредам никого. Напротив. И таа самата го знае тоа. Не ѝ личи сега да изигрува жртва. Ова ќе помине и за мене е најважно да останеме луѓе и да помагаме колку што можеме. За мене темата е затворена. Им пречи, затоа што  темелно, чекор по чекор ја работам својата работа, резултатите се јасни, видливи и мерливи. Не исклучувам дека ќе продолжат со нападите кон мене, но тоа е дел од работата која имам чест да ја водам и да му служам на мојот народ и државата. Секој има право и го повикувам да ги искористи своите права, па да видиме дали бил во право или се трудел да дефокусира или да користи и злоупотреби лажна терминологија – изјави вчера министерката.

Околу скандалот вчера се изјасни и собранискиот претседател Африм Гаши, кој не претседаваше со седницата кога се случило навредувањето, а која ја водела потпретседателката Весна Бендевска.

-Жалам што имавме таков испад. Треба да бидеме внимателни кога се обраќаме еден кон друг оти тоа го урива дигнитетот. Треба сите да внимаваме и да придонесуваме за подигнување на дигнитетотот. Своите ставови треба да ги искажуваме без да се навредуваме. Политичката култура треба да важи за сите, вклучително и за министрите во владата. Првите мои зборови како претседател беа да се почитува Етичкиот кодекс за пратениците – рече Гаши, додавајќи дека Весна Бендевска требало да интервенира кога се случило навредувањето.

Етичкиот кодекс на кој треба да се придржуваат народните избраници е донесен пред седум години, со многу кавги и расправии меѓу пратениците. Тој предвидува обврска на пратениците да не ги повредуваат честа и угледот на другите, да се воздржуваат од јазикот на омраза, нетрпеливост, од навредите… Санкции во таквите случаи треба да презема Комисија за деловни и мандатно-имунитетни прашања. Предвидено е да може да се изрече „опомена“ во случаи на полесни повреди и „јавна опомена“, во случај на потешки повреди на Кодексот. Но, Гаши вчера не најави дека може да биде активирана оваа собраниска Комисија. Славјанка Петровска, пак, од своја страна најави донесување на претставка до Комисијата за спречување на дискриминацијата.

-Јас добив навреда и апсолутно имаше намера да бидам навредена и омаловажена затоа што немам деца и немам семејство, апсолутно да. Тоа беше обид да ме дискредитира, да ме дискриминира заради тоа што јас немам деца. Тоа е моја лична состојба, мојот личен статус и тоа дали сум сама, дали имам семејство или имам деца е мое лично прашање. Зошто е тоа така знам јас и судбината. Јас жалам што еве веќе 15-тина минути дискутираме за нешто што денеска се случи во парламентот, изјави Славјанка Петровска.

Комуниколозите се неподелени во оценките дека ова претставува продлабочување на политичката некултура во земјава.

-Се зголемува поларизацијата и доаѓаме во состојба на продлабочување на политичката некултура на која сведочиме со децении, а која се пренесува и во начинот на кој понатаму граѓаните се охрабруваат да комуницираат. И набргу, кога ќе се соочиме со прашањето зошто и од каде кај децата толку насобран гнев, говор на омраза и булинг, само ќе биде доволно да се потсетиме дека наместо за идеи и концепти, во македонското Собрание се дебатира за квалификации, наместо за проблемите кои ги мачат граѓаните. За жал, според сите релевантни истражувања, граѓаните не очекуваат многу од своите избраници. И тоа е најголемиот пораз што довербата и врската меѓу избраните функционери и оние кои избираат во континуитет се оддалечува. Вчерашниот не е единствен случај, а судејќи според реакциите, нема ни изгледи да остане на ова, туку се најавува и продлабочување на несоодветниот и непарламентарен говор од сите страни и на сите теми – вели комуникологот Бојан Кордалов за весникот ВЕЧЕР.

Тој предупредува дека како што се доближуваат локалните избори, така ќе се влошува реториката.

-Но, одговорно тврдам дека само вложувањето во рационална комуникација со фокус на граѓаните и нивните очекувања на среден и долг рок може да донесе ефекти. Промени во однесувањето се можни со променета и подигната свест кај челниците во партиите, со јавно зборување на темата во медиумите и со примена на сите законски процедури кои стојат на располагање, наспроти сервилноста и неказнивоста кои често се водечки принципи кога треба да се одбрани независноста на институциите и да се создаде отпорност кај државата – потенцира Кордалов.

И комуникологот Сеад Џигал наведува дека лошата пракса на користење на навреди, исмевања, дискредитации, до отворен говор на омраза – опстојува.

-Тоа, за жал, не се санкционира и наменски се користи да се навреди другиот, во некаков чин на одбрана, дефокусирање, и слично, наместо да се соочат политичките ставови и аргументи. Пратениците и другите функционери мора да бидат свесни и одговорни кога говорат и кога им се обраќаат на своите колеги дека во нашиот парламентарен контекст тие не се само поединци туку претставници на групи на граѓани. Секогаш кога им се обраќаат ним, тие всушност им упатуваат пораки и на самите граѓани. Министрите, пак, мора да имаат уште повисок степен на одговорност и на внимателност. Многу е важно спикерот во овој контекст да ги заштити говорниците од вербални инциденти како што тоа беше случај вчера – вели Џигал за весникот ВЕЧЕР.

Според него, популизмот е тренд, тој привлекува внимание и кај медиумите и кај граѓаните, и често на кус рок им „се исплати“ на оние кои ќе се одлучат на тоа.

-Дел од таа комуникациска пракса се навредливиот говор, заканите, провокациите и слично. Но, негативната комуникација генерално на подолг рок ги уништува стандардите на политичката комуникација, сее нетрпеливост и нетолеранција, коишто го уништуваат угледот на самата институција на пратеник и на Собранието.  Најдобро е пратениците и министрите да покажат зрелост и одговорност во комуникацијата. Но и спикерот има доволно овластувања и сега да одземе збор, да отстрани некого од говорница и слично. (Б.Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ