Новак Ѓоковиќ почна уште една недела на врвот на АТП-листата, но Италијанецот Јаник Синер е новиот број „два“ и сè посериозно му се заканува дека би можел наскоро да му го земе тронот. По Отвореното првенство на Австралија, тенисерот од северна Италија во неделата го освои трофејот на мастерсот во Мајами и на тој начин го престигна Карлос Алкараз на АТП-листата.
По Австралија, Синер го крена трофејот и во Ротердам, играше и во финалето во Индијан Велс, каде што загуби од Карлос Алкараз, но на секој меч покажува квалитетен тенис и сè поголема самодоверба.
Токму тоа го потенцираше и легендарната тенисерка Мартина Навратилова, која смета дека тоа има врска што Новак Ѓоковиќ не игра со месеци.
- Па, за наша несреќа, Новак Ѓоковиќ не игра. Така што Синер е најконстантен и денес неговата игра е подобра од која било. Тој ја подигна играта на сосема друго ниво. Ова му дава мир, бидејќи знае дека не мора да го даде најдоброто од себе. Не мора да игра под „полн гас“ за да победи, туку другите мораат да го направат тоа против него. Тоа влева голема самодоверба – изјави Навратилова, најодликуваната тенисерка во историјата, со 167 трофеи, рекорд во опен ерата.
Откако загуби од Синер во полуфиналето на Австралија опен на 26 јануари, Ѓоковиќ одигра само два меча, двата на Индијан Велс и се мачеше на двата. Прво го совлада Австралиецот Александар Вукиќ, а потоа загуби од Италијанецот Лука Нарди, тогаш 123. тенисер во светот.
Така, од тој меч во Мелбурн, Синер одигра 17 меча (загуби само еднаш), додека Ѓоковиќ само два, бидејќи, по Индијан Велс, се откажа од настапот на Мајами.
Новак Ѓоковиќ претстојниов викенд ќе се врати на теренот во Монте Карло, каде што живееше со години и каде што ќе ја започне сезоната на земјена подлога.