Нема некој што не проговорил за трејдот на Лука Дончиќ во редовите на Лос Анџелес Лејкерс од тимот на Далас Маверикс. Пишуваа суперѕвездите на НБА, се јави и таткото Саша Дончиќ, а самиот Лука се огласи на полноќ и не кажа ни збор за трејдот, туку најмногу им се заблагодари на навивачите. Се огласија и фановите и тоа со ковчег во рацете!

Голем протест одржаа навивачите на Далас Маверикс пред статуата на Дирк Новицки во комплексот „American Airlines Center“ каде што Далас ги игра своите натпревари. Имаше многу навивачи со дресови на Лука, кои протестираа, можеа да се забележат и пароли од типот на „најлоша франшиза досега“.

Посебно вознемирувачки детаљ беше кога навивачите го донесоа ковчегот! Тие решија да протестираат на овој начин и со ковчег со логото на Маверикс на него покажаа дека веруваат дека нивниот тим е готов по овој потег. Исто така гневни беа и на Лука Дончиќ, иако самиот истакна дека не по своја волја си заминал од тимот.

Словенечкиот кошаркар за првпат се огласи на социјалните мрежи по неговиот шокантен трансфер. Тој емотивно се прости од својот поранешен клуб – им се заблагодари на навивачите за големата поддршка, најави ново поглавје во кариерата, а впечатливо е што не им се заблагодари ниту на клубот, ниту на своите соиграчи, ниту на некој од Далас Маверикс, тимот што го водеше минатата сезона до финалето на НБА и клубот во кој помина седум години.

  • Драг Далас, пред седум години дојдов овде како тинејџер за да го остварам мојот сон да играм кошарка на највисоко ниво. Мислев дека ќе ја поминам кариерата тука и многу посакував да ти го донесам шампионскиот трофеј. Љубовта и поддршката кој ми ја дадовте е повеќе отколку што можев да сонувам. Од повреда до финале, вашата поддршка никогаш не се променила. Ви благодарам што не само што ја споделивте мојата радост во нашите најдобри моменти, туку и што ме подигнавте кога ми требаше најмногу. На сите организации со кои работев и на целата заедница во Далас, ви благодарам што ми дозволивте да учествувам во вашата важна работа и да давам поддршка на оние на кои им е потребна. Како што започнувам ново поглавје во моето кошаркарско патување, заминувам од град кој секогаш ќе го сметам за свој дом далеку од дома. Далас е посебно место, а фановите на Мавси се посебни фанови. Ви благодарам од срце, Лука, се вели во неговата порака.

Лука Дончиќ беше испратен во Лос Анџелес Лејкерс, заедно со Макси Клебер и Маркиф Морис, додека тие ги земаа Макс Кристи и Ентони Дејвис заедно со пик од првата рунда во 2029 година. Тоа значи дека по седум години минати во овој тим, од кои во пет сезони беше Ол-стар и еден од главните кандидати за МВП титулата во претходните неколку, Дончиќ сега е испратен кај Леброн Џејмс во тим кој исто така сака да се бори за титула.

ИЗДВОЕНИ