Навалица за ПП-апарати, неколкукратно зголемена продажбата

888

Многукратно е зголемена продажбата на противпожарни апарати, хидранти и хидрантски црева, но и нивното сервисирање, откако зачестија инспекциските контроли по трагедијата што се случи во Кочани. Од друга страна, и граѓаните се исплашија од можноста дека и ним може да им случи истото, па поитаа или да купат или да ги поправат противпожарните апарати и хидрантите. Дека деновиве противпожарните апарати, хидрантите и хидрантските црева се трошат како алва, потврдуваат и компаниите што се занимаваат со оваа дејност. Тие велат дека не може да постигнат, ниту физички ниту психички, а количините што ги имале на лагер веќе им се потрошени, па чекаат да им пристигнат нови и кај некои од фирмите, тие ќе бидат со повисоки цени

 

Многукратно е зголемена продажбата на противпожарни апарати, хидранти и хидрантски црева, но и нивното сервисирање, откако зачестија инспекциските контроли по трагедијата што се случи во Кочани. Од друга страна, и граѓаните се исплашија од можноста дека и ним може да им случи истото, па поитаа или да купат или да ги поправат противпожарните апарати и хидрантите.

Дека деновиве противпожарните апарати, хидрантите и хидрантските црева се трошат како алва, потврдуваат и компаниите што се занимаваат со оваа дејност. Тие велат дека не може да постигнат, ниту физички ниту психички, дека количините што ги имале на лагер веќе им се потрошени, па чекаат да им пристигнат нови, кои кај некои од фирмите ќе бидат по зголемени цени.

– За 100 проценти е зголемена побарувачката на противпожарни апарати. Имаме голема навалица. Сè што имавме на лагер – продадовме. Досега продававме по постојната цена, односно противпожарните апарати од 6 килограми чинеа од 3.200 до 3.500 денари, додека од 9 килограми – од 3.500 до 3.800 денари. Новата нарачка, која треба да пристигне наредната недела, ќе биде по повисока цена, но не знаеме колкава ќе биде таа – велат од фирмата „Ватекс“ од Охрид.

Од „ПП Сервис С-9“ од Скопје додаваат дека кај нив за 300 % е зголемена потрошувачката на овие парати и велат дека не може да постигнат.

– Страшна работа, сè што имавме продадовме, а беа некаде од 800 до 900 противпожарни апарати – нагласуваат од „ПП Сервис С-9“.

И оттаму велат дека, освен противпожарни апарати, се бараат и хидранти и млазници.

Од скопската фирмата „Хелиум“ велат дека не само што е зголемена побарувачката на противпожарни апарати, хидранти и на хидрантски црева туку има и многу што бараат нивно сервисирање. Таму, противпожарните апарати од 6 килограми се продаваат по цена од 2.650 денари, додека оние од 9 килограми чинат 3.850 денари, плус ДДВ. Велат дека кај нив цената на овие апарати не е променета веќе две години.

Рокот на траење на еден противпожарен апарат е 20 години, а по неговиот истек, тој е максимално небезбеден за употреба и е потребно веднаш да се замени со нов.

Инаку, за површина од 50 квадратни метри, треба да се поседува по еден противпожарен апарат со тежина од 9 килограми, што значи дека дискотеките и ноќните клубови би требало да поседуваат најмалку три-четири вакви апарати, но и повеќе.

Стојчевски:  Сум наоѓал брашно во ПП- апаратите наместо прашок, сите што работат со сервисирање гледаат само да се замени картончето!

Борче Стојчевски од Здружението на инженери за заштита „Тутела“ истакна за телевизија „24“ дека голем дел од лицата што работат со сервисирање на ПП-апаратите гледаат само да се замени картончето.

Како што вели, тие не работат по прописи, па така има случаи во кои во апаратите за гаснење пожар било пронајдено брашно место прашок за гаснење.

– За жал, сите оние што учествуваат во сервисирањето на противпожарните апарати и опрема, секоја чест на професионалците, не си ја бркаат работата. Гледаат само да се наплати, да се замени картончето на апаратите. Сум работел во фирма што работела со ПП-апарати. Сум наоѓал брашно во ПП-апарат место прашок. Не можам да сфатам. Висината во објектот што изгоре си го направи своето. Тие мали апарати таму не беа ефикасни. Ако навистина има прашок во тие апарати, не смее да има разгорување на огнот. Ако некој ставил воздух место азот, треба кривично да одговара, имаме член во Законот за тоа – рече Стојчевски.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ