Научници развиле биогориво од користено масло за јадење – достигнува еднаква ефикасност како дизелот

24
Фото:википедија

Тим научници од Кралскиот колеџ во Лондон и бразилската Национална лабораторија за биообновливи извори на енергија развија метод за производство на биогориво од отпад од храна, односно од масло за јадење.

Нивната студија, објавена во списанието Green Chemistry, покажува дека новото гориво може да ја достигне ефикасноста на дизелот и да биде дури 1.000 пати поефикасно од сегашните методи на производство, пренесува порталот Energy.

Овој процес се заснова на употреба на модифицирани ензими кои ги разградуваат масните киселини присутни во отпадот од храна, претворајќи ги во алкени – клучни компоненти на горивата како што се бензинот и дизелот.

Овој пристап овозможува производство на гориво кое не само што ги намалува емисиите на стакленички гасови за дури 94 отсто, туку и значително ја намалува потребата од фосилни горива, се вели во студијата.

Еден од главните предизвици со биогоривата во минатото беше ниската ефикасност на согорување, поради присуството на молекули на кислород во горивото. Ова ја ограничило нивната употреба бидејќи тие произведувале само 90 проценти од енергијата во споредба со дизелот, додека самото производство барало повеќе суровини и зголемени трошоци.

За да го решат овој проблем, истражувачите го модифицирале ензимот P450 декарбоксилаза, овозможувајќи му ефикасно отстранување на кислородот од масните киселини. Наместо вода, реакцијата била спроведена во специјална течна сол, под УВ светлина, која значително го зголемила приносот на алкен. Оваа иновација бара помалку енергија и суровини, што резултира со поодржлив производствен процес.

Дополнително, модифицираниот процес ја елиминира потребата за скапи и потенцијално штетни катализатори како платината, како и токсични хемикалии како водород пероксид. Овие промени придонесуваат за помал еколошки отпечаток и ја прават технологијата одржлива и еколошка.

“Нашата биотехнологија ја отвора вратата за производство на различни видови горива, вклучително и бензин и керозин за воздухопловната индустрија. Иако се уште претстојат многу предизвици, ние сме возбудени што ќе придонесеме за решавање на еден од најголемите глобални проблеми – климатските промени”, рече Д-р Летиција Занфурлин, главен истражувач во проектот.

ИЗДВОЕНИ