Здружението за негување и развој на винската култура, винскиот туризам и производите од грозје „Винотек”, во соработка со Винскиот музеј и под покровителство на градоначалникот и на Општина Кавадарци, традиционално, организира натпревар за најдобри вина, по повод празникот Свети Трифун, бидејќи свети Трифун се смета за заштитник на лозарите и на винарите.
Од Здружението информираат дека станува збор за деветтата интернационална дегустација и оценување вина произведени од регистрирани производители, мали семејни винарници, домашни индивидуални производители и од странски винарници и производители.
– Има неколку категории за оценување. Млади вина, берба 2024, бели, розе и црвени, со посебна категорија од автохтоната сорта станушина. Мирни вина, бели, розе и црвени, повторно со посебна категорија од автохтоната сорта на грозје и вино. Најдобри странски вина. За организирање на оценување во секоја категорија, треба да има минимум по девет мостри – појаснуваат од Здружението.
За оценување се доставуваат по две шишиња од секоја мостра, а бројот на мостри не е ограничен. Рокот за доставување на мострите е најдоцна до четврток.
– Оценувањето ќе го врши петчлена стручна комисија, под раководство на професор доктор Михаил Петков, а резултатите ќе бидат соопштени на Свети Трифун, 14 февруари, на пригодна свеченост во Винскиот музеј во Градскиот парк. Ќе се оценуваат сите предадени мостри и ќе се доделат пехари, медали, дипломи и награди на најдобро оценетите три вина од секоја категорија – истакнаа од „Винотек”.