Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, го нарече рускиот претседател Владимир Путин „силен преговарач“ и додаде дека неговото учество во преговорите е неопходно за постигнување мир.
– Имав многу средби со него во 2010-2014 година во моето претходно својство. Тој е силен преговарач и е непредвидлив. Но, ако сакаме мирно решение, тој мора да биде на преговорите, рече Руте.
Членството на Украина во НАТО никогаш не било услов за постигнување мир, потсети Руте.
– Никогаш немало таков договор… На Украина никогаш не и било ветено дека ќе стане дел од НАТО како дел од мировниот договор, изјави тој по состанокот на министрите за одбрана на НАТО во Брисел.
Тој прецизираше дека секогаш се зборувало „за неопходноста од безбедносни гаранции за Украина“.
Министрите за одбрана на НАТО ја земаа предвид и разговараа за иницијативата на американскиот претседател Доналд Трамп за решавање на конфликтот во Украина, изјави генералниот секретар на НАТО.
Тој додаде дека „министрите одржале дискусија за последните настани“ со учество на украинскиот министер за одбрана и шефот на европската дипломатија.