Познатата водителка на „Скај спортс Ф1“, Натали Пинкам, проговори за еден од најстресните моменти во кариерата – за своето прво интервју со седумкратниот светски шампион Михаел Шумахер.
Во 2011 година, кога ја започна својата Формула 1 кариера во Би-би-си и потоа, во 2012 година, кога се пресели во „Скај спортс Ф1“, никој не можеше да предвиди дека нејзиното прво интервју ќе биде со возач од тој калибар. Имено, нејзиното интервју со Шумахер беше во текот на самото гран-при на Австралија.
Седумкратниот шампион предвреме ја заврши трката поради проблеми со болидот, што беше идеална шанса Натали да ги преземе работите во свои раце и да направи интервју со него. Дадената шанса и денес ја памети, па реши да ја раскаже во јавноста.
- Најтешкото интервју беше со Михаел Шумахер. Не можам да ви кажам колку се исплашив. Тоа беше моето прво интервју во Ф1 и тоа со Михаел Шумахер. Тој ја заврши трката предвреме, јас бев под голем стрес, но се пуштив во акција – призна Пинкам во текот на појавувањето во поткастот „Црвени знамиња“.
Додека траеше интервјуто, таа не можеше да поверува што се случува.
- Знаете, она кога се обидувате да направите сè за да ве слушне, буквално стоев до неговото уво и случајно го фатив за рака. Немав поим што правам, само го грабнав – се присети Пинкам.
Шумахер во тој момент ја погледна својата рака, потоа ја погледна и ја праша: „Зошто ме допираш?“
Во тој момент, Пинкам ја сфати својата грешка и брзо се извини.
- Ох, се извинувам! – рече таа, а сето тоа одеше во живо, пред камерите.
- Тоа беше вистинско огнено крштавање. Беше навистина смешно.
Сепак, и покрај почетниот непријатен момент, двајцата се насмеаја, а интервјуто продолжи без проблем.
Шумахер тогаш се бореше со проблематичниот болид на Мерцедес, обидувајќи се да го придвижи тимот кон врвот на табелата.
По враќањето од пензија во 2010 година, тој му се приклучи на Мерцедес, но не ги повтори успесите од својата златна ера со Ферари. 2012 година беше последна за него во Ф1-карванот, а во Мерцедес беше заменет од Луис Хамилтон, возачот што подоцна го израмни неговиот рекорд по бројот на титули.