Вишото јавно обвинителство во Зајечар, кое ја води истрагата за убиството на малата Данка Илиќ од Бор, дало наредба да се прегледаат камерите кои го снимиле периодот во моментот на исчезнувањето на двегодишното девојче, а се лоцирани на местата каде што биле видени осомничените, пишуваат српските медиуми.
Станува збор за преглед на три камери, од кои две се од куќи во Бањско Поље, додека една камера е од зградата во која живее семејството Илиќ во Бор. Овие камери се аматерски, а вештачењето ќе се врши во Белград за да се утврди точниот временски редослед. Се очекува ова стручно мислење да не трае повеќе од десет дена.
Сега времето се споредува во секунди, за да се утврди кој каде бил и со кого на денот кога на Данка и се губи секаква трага. Иако сите сведоци се сослушани, дадоа изјави, се вештачат сите материјални докази, осомничените повеќе нема да се појавуваат пред обвинителството, тоа не значи дека истрагата и официјално завршила. Обвиненијата мора да бидат поднесени до 26 септември или осомничените да бидат ослободени. Засега е извесно дека обвинителството ќе поднесе обвинителен акт, но се уште не се знае како ќе биде формулиран.
Срѓан Јанковиќ (50) од борското село Лука и Дејан Драгијевиќ (50) од село Злот се обвинети дека го удриле девојчето Данка кое се движело по патот со службен автомобил на јавното комунално претпријатие „Водовод“ во Бањско Поље на 26 март.
На двајцата им е продолжен притворот до 26 септември, кога стандардно истекуваат шест месеци, колку што е рокот за поднесување обвинение и рокот за престој во притвор.