Општина Аеродром ги завршува процедурите и наскоро започнува со доградба на ООУ „Блаже Конески“ во Мичурин.
В.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, информираше дека со доградбата, училиштето ќе добие дополнителни 16 училници и 10 кабинети по предметна настава.
-Со ова значително ќе се зголемат капацитетите за спроведување на воспитно-образовниот процес во едно од најстарите училишта во Аеродром, изградено уште во 1954 година. Станува збор за проект што е од исклучително значење за жителите од овој дел на Општина Аеродром, а ние и во иднина посветено ќе работиме на подобрување на условите во кои учат, растат и се развиваат нашите ученици – изјави Митески.