Кај планираниот, но нереализиран каргоаеродром во Штип, на крајот од јуни годинава ќе почне да се градат соларниот и ветерниот парк, кои ќе бидат во рамките на три општини: Штип, Карбинци и Радовиш, инвестиција од близу половина милијарда американски долари. Премиерот Христијан Мицкоски очекува инвеститорот дотогаш да ги заврши сите проекти и сè што е потребно за да стане оваа инвестиција реалност.

– Некои работи што се нивелираат во насока на три прашања. Првото прашање е категоријата земја, за што мислам дека е веќе надминато, бидејќи имаме категорија земја што не би сакале да ја урбанизираме на ваков начин, а е земјоделско земјиште што го користат земјоделците за обработка и производство на храна. Второто прашање е околу откупот на електричната енергија и цената и третото околу балансирањето, односно инсталирањето т.н. батерии што ќе ја складираат произведената електрична енергија за да може да се користи во периодот на денот кога нема сончева радијација – рече Мицкоски.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, пак, го посети паркот на ветерни електрани Богданци, првиот ваков објект во Република Македонија што го користи ветрот како погонска сила за производство на електрична енергија. Таа истакна дека ветерните паркови не се само економски исплатливи туку и еколошки одговорни.

– Тие се клучот кон одржлива иднина и економски раст, кој не ги загрозува ресурсите на идните генерации – истакна министерката Божиновска.

Гоце Џамбазовски, помошник-директор за обновливи извори во АД ЕСМ, истакна дека ПВЕ Богданци не само што е пример за успешна инвестиција во обновлива енергија туку и значаен придонес кон националниот електроенергетски систем.

– Турбините се производство на „Сименс“ – Данска и се вбројуваат меѓу најдобрите во својата класа. Паркот, со своите 16 турбини, има инсталирана моќност од 36,8 МW и годишно произведува околу 100 GWh природно одржлива енергија, што е доволно за снабдување на околу 60.000 граѓани, намалувајќи ја зависноста од фосилните горива и придонесувајќи за намалување на емисиите на ЦО2 – рече Џамбазовски.

Министерката Божиновска беше информирана за плановите за втората фаза на проектот, ПВЕ Богданци 2, која ќе додаде дополнителни 13,2 до 15 MW капацитет. Оваа фаза е дел од пошироката стратегија на Владата да го зголеми учеството на обновливите извори на енергија до 45 % од вкупното производство до 2030 година. Во оваа фаза е предвидено поставување дополнителни четири ветерни турбини, секоја со инсталирана моќност од 3,4 MW, со што вкупната инсталирана моќност ќе се зголеми на околу 50 MW, обезбедувајќи дополнително годишно производство од 37 GWh.

 

ИЗДВОЕНИ