Публиката во МНТ имаше можност два часа да слуша добро познати композиции поврзани со филмот и најпосакуваната филмска награда, поточно нумери кои добиле Оскар, или оние кои биле номинирани, а со текот на времето оставиле и голем печат во светската музичка и филмска уметност. Пред присутните, се изведоа хитови на кои присутните нè останаа рамнодушни. Имаше песни за сечиј вкус, и за оние поромантичните, но и оние кои сакаат гитарски дисторзии
Одличната вокална изведба на повеќе македонски пејачи на светски поп и рок-хитови поврзани со познати филмови ја означија „Оскаровската вечер“, која синоќа се одржа во Македонскиот народен театар во Скопје.
Во околу два часа, публиката имаше можност да слуша добро познати композиции поврзани со филмот и најпосакуваната филмска награда, поточно нумери кои добиле Оскар, или оние кои биле номинирани, а со текот на времето оставиле и голем печат во светската музичка и филмска уметност.
Пред присутните, се изведоа хитови на кои присутните нè останаа рамнодушни. Меѓу нив беа и „Over the rainbow“, „The way we were“, „Live and let die“, „Summer nights“, „What a feeling“, „Eye of the tigar“, „I just called to say I love you“, „The time of my life“, „Run to you“, „Because you loved me“,„Have you ever really loved a woman“, „When you believe“, „I don’t wanna miss a thing“, „Golden Eye“, „Lady Marmalade“, „Can’t stop the feeling“. Имаше песни за сечиј вкус, и за оние поромантичните, но и оние кои сакаат гитарски дисторзии.
А љубителите на филмови, пак, преку овие изведби се потсетија на филмските остварувања на Холивуд кои ги полнеа кината низ годините. Такви беа „Волшебникот од Оз“, „Брилијантин“, „Валканиот танц“, „Флешденс“ „Роки“, „Џејмс Бонд“, „Армагедон“, „Мулен руж“…
Со своите извонредни вокални способности, нашите пејачи Наде Талевска, Ана Петановска, Светлана Јовановска, Горан Наумовски, Денис Димоски, Дејан Бобиќ Дексо, Јасна Димитровска, а придружени од Битолскиот камерен оркестар IWConnect под диригентската палка на Владимир Димовски и „Полифонија“ покажаа дека и ние имаме наши: Витни Хјустон, Селин Дион и Тина Тарнер.
Водителка на настанот беше коментаторката на „Оскарите“, Миланка Рашиќ, а балетските уметници Саша Ефтимова и Ендрју Кук, како и на танчарите од танц-клубот „Dancers United“, со својот настап го збогатија визуелното уживање кај присутните.
Оваа т.н. „Оскаровска гала-вечер“ по вторпат се одржува во Скопје, а од водителката беше најавено и трето издание, кое се надеваме дека ќе ги надмине некои од техничките и организациските пропусти кои малку ја засенија филмската магија на сцената. (Н.И.Т.)
Фото: Ѕ. Плавевски