Нашите келнерите ќе одат на море, а нас ќе не служат пензионери или студенти 

Македонските угостители ќе заминат за Хрватска, а нас ќе не служат пензионери и студенти. Во услови кога целиот регион има потреба од угостителски работници, Македонија може да остане без ваков кадар. Поради тоа неодамна во Собранието беше поднесен Предлог-закон за ангажирање лица со кој се предвидува како сезонски работници да можат да работат студенти, пензионери, невработени лица... Зоран Кочоски, генерален менаџер и сопственик на „Коузон“, за весникот ВЕЧЕР вели дека Македонија веќе ја чувствува кризата од работна сила во угостителството и оти сезонското ангажирање на пензионери и студенти нема да го реши проблемот, бидејќи ни недостасуваат околу 15 илјади работници

1033

Македонските угостители се подготвуваат да заминат на сезонска работа во Хрватска и во другите соседни земји. На овој начин уште повеќе ќе се продлабочи дефицитот од ваков кадар во Македонија кој се планира да се надополни со пензионери и студенти. Познавачите на состојбите на пазарот велат дека кога македонските плати ќе бидат исти со оние во регионот нема да ни бегаат ни работниците. Платите во Хрватска, Црна Гора, Албанија и Бугарија, каде што нашите сезонски работници одат на работа се движат од 1.000 евра па нагоре.

Зоран Кочоски, генерален менаџер и сопственик на „Коузон“, вели дека Македонија веќе ја чувствува кризата за работна сила во угостителството и оти сезонското ангажирање на пензионери и студенти нема да го реши проблемот.

-Нема форма која може да направи одредена промена на пазарот на работна сила за да го надополни дефицитот. Иако дел од државните институции заговараат политика за вработување на пензионери и студенти како работна сила во угостителството, сепак тоа нема да го реши проблемот. Овој потег нема да придонесе многу во покривање на потребите од работна сила, бидејќи на пазарот во Македонија недостасуваат околу 15 илјади работници, изјави за весникот ВЕЧЕР, Кочовски.

Инаку трендот за одење на сезонска работа на море, особено кај младите угостители продолжува. Најголем интерес има за Хрватска, но и во Црна Гора и Албанија, а нешто помалку за Бугарија.

-И оваа сезона од крај на март до крај на октомври околу 15 илјади Македонци ќе бидат привремено работно ангажирани во Хрватска претежно во угостителството, но и во сервисните и услужните дејности. За жал, овој тренд ќе продолжи и во наредните години сè до моментот на изедначување на платите во Македонија со оние во околните медитерански држави. Очигледно е дека добар дел од оние кои заминуваат на сезонска работа во Хрватска се водат од желбата да живеат и работат на море. Така, дури и во услови кога одредени работни позиции во Македонија се слично платени како оние во Хрватска, сепак пресуден фактор е дека таму се на море, објаснува Кочовски.

Во Хрватска најплатени се готвачите кои заработуваат од 1.500 до 2.000 евра со работно искуство над 5 години, келнерите во просек заработуваат од 1.100 до 1.500 евра, одржување на соби од 950 до 1.400 евра и други услужни дејности околу 1.100 евра во просек.

Со новиот Предлог-закон за ангажирање лица со кој се предвидува како сезонски работници да можат да работат студенти, пензионери, невработени лица, корисници на социјална и друг вид помош без да ги изгубат правата на стипендија, старосна и семејна пензија, како и надоместокот за невработеност и за социјална заштита.

Со Законот ќе се овозможи пензионери и студенти да работат како шанкери, бармени, келнери, готвачи, мијачи на садови, доставувач на храна…. и други работи во угостителството.

(А.С.)

 

ИЗДВОЕНИ