Семејствата и роднините на загинатите во трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“ денеска излегоа на трет марш низ улиците на градот, со цел да побараат правда и одговорност за смртта на нивните најблиски.
Протестниот марш „Задоцнета реакција“ започна од Градскиот парк во Кочани, а потоа насобраните се движеа кон Трговскиот центар, зградите на Општината, полицијата и завршија пред зградата на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кочани.
Организатори на протестот беа семејствата на настраданите во пожарот во „Пулс“ кои порачаа „Нашите деца беа убиени од алчноста – правдата мора да излезе на виделина“ и обвинија дека “полицијата не интервенираше навремено“.
„Нашите деца беа убиени од алчноста, правдата мора да излезе на виделина“, рекоа семејствата на загинатите во трагедијата“, која се случи на 16-ти март.
На транспарентот што го предводеше протестот пишуваше: „Пулс од 2012 до 2025, истрага од 2025 до 2038, судење од 2038 до ???“