Во годинава што изминува, направен е значителен напредок во економскиот сектор на Македонија, особено во енергетиката, која е еден од најважните столбови на кои е поставено секое општество. Токму затоа, формирањето на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини беше суштински и стратешки чекор, кој овозможи нов, иновативен и одржлив пристап кон енергетската политика. Можам да кажам дека за само шест месеци покажавме дека со визија, храбри одлуки и со стратешки инвестиции е можно да се постигнат значајни резултати.
Во изминатиов период, ги направивме првите чекори во енергетската транзиција, што е амбициозен процес. Со оглед дека инвестициите во зелените технологии носат долгорочни придобивки – ги намалуваат трошоците за енергија, ја зголемуваат енергетската ефикасност и имаат позитивно влијание врз јавното здравје преку намалување на загадувањето, започнавме со неколку државни проекти што ќе произведуваат струја со користење на сонцето и на ветерот. Тоа се фотоволтаичните електрани „Битола 1“ и „Осломеј 2“, со инсталиран капацитет од 30 MW, кои ќе произведуваат околу 46 GWh струја годишно, задоволувајќи ги потребите на над 7.000 домаќинства и намалувајќи ги емисиите на CO₂ за 40.000 тони. Исто така, обезбедени се средства и за изградба на фотоволтаичната електроцентрала „Битола 2“, која ќе има инсталиран капацитет од најмалку 50 MW, како и за реализација на втората фаза од изградбата на ветерниот парк „Богданци“, со што целосно ќе биде заокружен овој ветерен парк со вкупен инсталиран капацитет од околу 50 MW.
Особено внимание посветивме и на електропреносната мрежа со инвестиции во нови трафостаници, како што е примерот со проектите во Валандово и во Милетково, со што ќе овозможиме искористување на неискористениот потенцијал од обновливите извори. Со инвестиции од над 26,4 милиони евра, очекуваме да приклучиме нови 1170 MW обновливи извори на енергија што „стојат“ неприклучени, со што ќе ја зајакнеме енергетската сигурност на државата. Во исто време, започнавме со модернизација на мрежата на МЕПСО преку воведување паметни технологии, како и развој на нови батериски системи и пумпно-акумулациски хидроцентрали, кои ќе обезбедат поголема стабилност и флексибилност на мрежата.
Во областа на рударството, со цел воспоставување ред и одговорност во користењето на рудните богатства, донесовме нов тарифник за утврдување на висината на надоместоците за издавање дозволи и концесии за вршење детални геолошки истражувања и концесии за експлоатација на минералните суровини, во кој надоместоците се зголемуваат до 100 %. Со оваа мерка, годишниот приход од концесиските надоместоци, кој моментално изнесува околу 10 милиони евра, значително ќе се зголеми. Овие средства ќе бидат насочени кон подобрување на јавните услуги и поддршка на економскиот развој.
Слободно можам да кажам дека, како Министерство, не само што инициравме амбициозни реформи, инвестиции и поставивме рамка за меѓународна енергетска соработка туку и јасно ги поставивме целите на кои ќе работиме во годините што доаѓаат. Наша главна цел, секако, е од земја што увезува електрична енергија, да станеме земја не само што ќе произведува доволно струја за сопствените потреби туку и ќе биде нето-извозник на електрична енергија. Но, исто така, и да спроведеме зелена транзиција и да го намалиме јаглеродниот отпечаток.
Планови за 2025 година
Енергетиката не е само клуч за одржување на економските активности туку и столб на индустрискиот развој и на националната независност. Со веќе направените чекори, но и со она што ќе следува во 2025 година и во наредните години, Македонија е на пат да ја трансформира својата енергетска мапа и да го постави енергетскиот сектор како главен двигател на економскиот раст и на регионалната конкурентност, создавајќи стабилна и одржлива економија.
Проектите во енергетскиот сектор што се започнати во 2024 година со обезбедување финансиски средства, ќе се реализираат идната година, така што во 2025 година може да се очекува интензивна економска активност во енергетиката. Што, секако, ќе се рефлектира на целокупната економија, бидејќи ќе значи нови инвестиции и вклучување на повеќе стопански гранки во нивната реализација.
Во 2025 година, се очекуваат и други големи инвестиции, како што е реализацијата на интерконекторот со Грција, за чија изградба беше спроведен тендер со кој е обезбедена заштеда од околу 12 милиони евра во споредба со претходните проценки за тој проект. Овој проект, кој ќе обезбеди диверзификација на енергетските извори, е стратешки важен за енергетската стабилност и за економскиот развој на земјата.
Планирани се и засилени активности околу изградбата на гасоводната мрежа, бидејќи таа е клучна за нашата енергетска транзиција и за декарбонизацијата. Ќе продолжиме и со модернизацијата на преносната електроенергетска мрежа, што ќе овозможи понатамошна интеграција на енергијата од обновливи извори, но и ќе посветиме внимание на енергетското поврзување со соседите. „Закочениот“ проект за електроенергетско поврзување со Албанија го „откочивме“ со раскинување на договорот со досегашниот изведувач, така што овој значаен проект ќе може, конечно, да се финализира, а ќе продолжиме да се поврзуваме и со Грција, Србија и со Косово.
Исто така, интензивно ќе работиме на изнаоѓање инвеститори за изградба на капитални енергетски објекти, како што се когенеративните гасни централи, кои се основа за напуштање на јагленот во производството на струја. Притоа, секако нема да го заборавиме РЕК „Битола“, кој, за нас, и натаму е клучен енергетски капацитет.
Мора да се спомене и тоа дека идната година, според најавите, се очекуваат и значителни приватни инвестиции во капацитети од обновливи извори на енергија, кои ќе имаат позитивно влијание врз целата економија.
Секако, пред нас е многу работа, но со јасна визија, храбри одлуки и со стратешки инвестиции, можеме да дојдеме до целта – Македонија да биде лидер во обновливата енергија и да изгради сигурен и стабилен енергетски систем, кој ќе ги задоволи потребите на граѓаните и ќе придонесе за економската стабилност на земјата.
(С.Бл.)