Во Општина Гевгелија, во саботата се спроведе масовна акција под мотото „Да пуштиме корени во нашата Гевгелија“ за пошумување на месноста Топлик. На површина од два хектара, насадени се 5.500 садници од аризонски чемпрес и од багрем.
Министерството за животна средина и просторно планирање ги поддржува ваквите акции на пошумување во сите општини.
– На територијата на целата држава, со вакви акции, придонесуваме за намалување на загаденоста на воздухот, за зачувување на биодиверзитетот, спречуваме појава на свлечишта, а, истовремено, со тоа се бориме против штетите предизвикани од климатските промени. Во последните години, имаме високи температури, недостиг на врнежи и голем број пожари што ја уништуваат дрвната маса. Затоа, вакви акции се добредојдени за обновување на опустошените површини и за садење нови дрвца. Во моментот, со помош на ЕУ спроведуваме еден проект насловен „ЕУ за чист воздух“, а дел од овој проект се токму ваквите организирани масовни пошумувања – истакна заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска.
Во акцијата што ја организираа екипи на ЈП „Македонски шуми“, ЈПКД „Комуналец“ и Црвениот крст – Гевгелија, покрај населението на Општина Гевгелија, учествуваа и градоначалникот Андон Сарамандов, вработените во општинската администрација, пратениците во македонското Собрание, претседателот и членови на општинскиот Совет.
– Со ваквата акција покажуваме дека сите заедно сме посветени за обновување на природата во прекрасните предели на нашата општина – рече Сарамандов и изрази благодарност до сите учесници што биле дел од акцијата, најавувајќи вакви акции за пошумување и напролет.
Во рамките на посетата на Општина Гевгелија, заменик-министерката Лашкоска и градоначалникот Сарамадов направија увид во реализацијата на проектот за намалување на загубите со вода со замена и инсталација на водомери, заедно со инсталација и конфигурација на опрема со далечинско отчитување. Проектот е имплементиран од ЈКПД „Комуналец“ – Гевгелија, а е финансиски поддржан од МЖСПП, со средства во висина од 5 милиони денари.
(Љ.А.)