Насадени 80 високостеблести дрвја во новиот парк и во Паркот на шахот

492

На територијата на Општина Кисела Вода, вчера се реализираше акција за пошумување. Се пошумуваа два парка  во населбата 11 Октомври Бараки.

Притоа, како што информираат од Општина Кисела Вода, биле насадени 80 високостеблести дрвја во новиот парк и во Паркот на шахот, донација од општествено одговорни компании, а дел во соработка со фондацијата „Мартин Здравковски“, во спомен на прерано починатото дете од овој дел на Општината, кое го носи тоа име и чии родители беа присутни на настанот.

Со садењето на дрвјата, овој дел од Општината добива сосема нов лик, со повеќе можности за одмор и рекреација.

На настанот присуствуваше и градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, кој нагласи дека овој настан е уште еден сегмент од поширокиот план на Општината, која, како што информираше, во овие три и пол години ги зголемила зелените површини за 80.000 квадратни метри.

– Како локална самоуправа, вложуваме постојан труд за создавање поздраво, поубаво и поквалитетно секојдневие за сите наши сограѓани. Секое насадено дрвце е чекор поблиску до таа цел. На овој начин создадовме и траен спомен на едно детско име, кој истовремено ќе придонесе за поздрава животна средина. Ова е пример како можеме заедно да ја направиме Кисела Вода уште позелена и поубава – изјави Ѓорѓиевски.

 

ИЗДВОЕНИ