Насадени 130 дрвца близу врвот на Водно

99

Љубителите на трчањето и екоактивисти, со поддршка од екипа вработени во јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, во саботата насадија 130 дрвца на локација близу врвот на Водно, определена од Град Скопје. Се работи за садници јасен, јавор, мини даб и црн бор.

За некои од присутните дечиња, ова беше можност да го насадат своето прво дрво. Настанот беше искористен и за зелена дружба и вмрежување. Присутните споделуваа знаење за зачувување на животната средина, разговараа за предизвиците и за придобивките од трчањето и се договараа за идните активности во кои може да се спојат практиките за одржливо живеење и спортските активности. Преку организирањето вакви настани, се испраќа порака за потребата од практикување здрави навики и постојано зазеленување на нашите места за живеење.

Следното садење дрвца е планирано за 22 март 2025 година, на локација што дополнително ќе биде објавена.

Активностите се дел од проектот „Трчај за зелена иднина“, кој го спроведува атлетскиот клуб АККА – Скопје, во партнерство со Здружението за зелено општество „Гринер“. Неговата цел е да придонесе да се подигне свеста за еколошките проблеми и да се направи позитивно еколошко влијание преку организирање трки што вклучуваат собирање отпад (Plogging), садење дрвја и промовирање настани без отпад.

Проектот е субгрант добиен во рамките на „ЕУ-поддршка за граѓански ресурсен центар – фаза 2”, финансиран од Европската Унија.

ИЗДВОЕНИ