Сегашната шанса 1 во 32 е значително зголемување од претходната проценка од 2,8 проценти. Веројатноста се движеше околу два проценти во последниве недели поради секојдневните ажурирања од НАСА.
Астероидот е доволно голем за да предизвика локализирана штета во „неверојатниот настан“ што ќе ја погоди Земјата, според американската вселенска агенција.
Неговото влијание, потенцијално, може да уништи цел град – мегалополис. Ваквите предвидувања, сепак, треба да се земат со одредена резерва, бидејќи се засноваат на променливи податоци, посочуваат стручњаците.
Научниците предупредуваат дека астероидот треба внимателно да се следи, бидејќи, според сегашните проценки, последиците од таквиот можен удар би можеле да бидат 500 пати посилни од нуклеарната бомба фрлена врз Хирошима во Јапонија во Втората светска војна.
Ударот би можел да предизвика и цунами ако е близу остров или брег.
Стручњаци од Европската вселенска агенција – ЕСА велат дека астероидот најверојатно безопасно ќе мине покрај Земјата, но можниот удар сѐ уште не може целосно да се исклучи, пренесува списанието „Скај ет најт“. Според наводите, сѐ уште е рано да се утврди каде точно на Земјата би можел да удри астероидот. Научниците сметаат на вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ за попрецизно набљудување и проценки следниве месеци.
Инаку, овој астероид за прв пат беше откриен од телескоп на НАСА во Чиле на 27 декември минатата година.
Оттогаш привлече меѓународно внимание, бидејќи научниците продолжуваат да ги проучуваат неговите шанси за удар, иако шансите целосно да ја пропушти Земјата остануваат високи.