НАСА издаде предупредување за огромен астероид кој ќе помине покрај Земјата на 24 декември. Овој „посетител од вселената“ наречен астероид 2024 KSN1 ќе прелета покрај Земјата на растојание од 4.480.000 милји или 7,21 милиони километри.
„Ќе биде многу далеку, околу 18 пати подалеку од Земјата отколку што е Месечината, така што со оваа предвидена траекторија, нема да се приближи доволно за да ја удри Земјата“, изјави за Дејли Меил астрономот Џес Ли од Кралската опсерваторија Гринич.
„Со проценета големина од 29 до 70 метри во дијаметар, тоа е застрашувачки потсетник за тоа колку лесно Земјата може да дојде до смртоносна средба,“ пишува британскиот весник.
Научниците проценуваат дека доколку астероидот би удрил во нашата планета, тоа би било со сила еквивалентна на 12 милиони тони експлозивен ТНТ и би срамнил површина од 2.000 квадратни километри.
Астероидот беше забележан дури на 12 декември, кога НАСА и планетарните одбранбени системи на Европската вселенска агенција (ESA) го забележаа неговото приближување. По пресметувањето на неговата орбита, агенциите го наведоа како „блиска средба“ – што значи дека се очекува да помине на 7,5 милиони километри од Земјата.
Следниот голем астероид ќе помине покрај Земјата дури на 5 јануари 2025 година, кога астероид од 400 метри ќе помине блиску до нашата планета. Оваа вселенска карпа со големина на Ајфеловата кула ќе прелета покрај Земјата со брзина од речиси 80.000 километри на час, достигнувајќи ја најблиската точка на само 3,68 милиони километри од Земјата.