Народно позориште Сараево на 21 и 22 мај ќе гостува во Македонскиот народен театар со две претстави – „Сараевскиот трговец“ и „Селска опера“.
На 21 мај, во 20 часот, ќе се одигра првата претстава – „Сараевскиот трговец“ по текст на Игор Штикс, во режија на Михал Дочекал.
Во претставата играат 16 актери: Мона Муратовиќ, Мирвад Куриќ, Сањин Арнаутовиќ, Ведран Ѓекиќ, Амина Беговиќ, Фарук Хајдаревиќ, Нерман Махмутовиќ, Дино Бајровиќ, Ирфан Рибиќ, Сара Сексан, Белма Салкуниќ-Бектешевиќ, Милан Павловиќ, Ален Коњиција, Харис Биџан, Риад Љутовиќ и Амра Капиџиќ. Авторот на претставата, Игор Штикс, ги поставува прашањата: „Книга или живот?“, „Театар или живот?“ Тој истакнува дека „Сараевскиот трговец“ поминал долг и необичен пат од идеја до реализација.

„Поминаа повеќе од 17 години од попладневниот разговор со пријателите Шејла Камериќ, Јован Марјановиќ, Огњен Диздаревиќ и Емина Кујунџиќ за филмска адаптација на познатото спасување на сараевскиот Хагада од Земаљскиот музеј во јуни 1992 година. Фактот што добив покана да напишам драма за стогодишнината од основањето на Националниот театар дополнително ја разгоре мојата имагинација. Така се роди ликот на Фридрих фон Дитрих – човек од Прага кој, непосредно пред Првата светска војна, доаѓа во Босна за да изгради Народно позориште во Сараево. Како Херцеговскиот Fitzcarraldo, кој сонува за опера среде Амазонија! А можеби токму тој, откако Лијешевиќ беше спречен да го режира овој текст, повика друг човек од Прага – овој пат од крв и месо – режисерот на оваа претстава, Михал Дочекал. Претставата е посветена на Јозеф Коен и на сите чувари и спасители на Хагадата.“
Во авторскиот тим се потпишуваат: Џорџо Урсини Уршиќ – драматург, Давид Марек – сценограф, Лејла Хоџиќ – костимограф, Мирза Реџепагиќ – композитор.

На 22 мај во 20 часот, пак, ќе се одигра втората претстава – „Селска опера“, од авторот Д. Бенедек-П. Бела, во режија на Андраш Урбан, а драматург е Ведрана Божиновиќ.
Во претставата играат актерите: Сањин Арнаутовиќ, Амра Капиџиќ, Алдин Омеровиќ, Санела Крсмановиќ-Бистривода, Сара Сексан, Ведрана Божиновиќ, Мирвад Куриќ, Санин Милавиќ и Мак Ченгиќ, а во музичкиот состав се: Фауд Шетиќ – чембало, корепетитор и диригент, Амар Беширевиќ – прва виолина, Ајнија Гермиќ – втора виолина, Сара Касап – трета виолина и Растко Зечевиќ – контрабас.
„Селска опера“, како музичко-сценско дело, е заснована врз унгарскиот мелос, со својствено самоуништувачко страдање над светот, кое во оваа претстава се трансформира во универзален фолклорен израз и етничко лудило. Урбан вели дека „сите стануваме Унгарци – се радуваме со плачење, тагуваме со смеење“.
„Селска опера“ претставува бласфемија кон операта и кон квазисериозната уметност, но во исто време ја истражува суштината на универзалните вредности, исто како што тоа го прави големата уметност. Ова дело испраќа силна порака во време кога етничкото се претставува како есенција на националниот идентитет, а националниот или верскиот идентитет како врховна вредност, само тоа го прави на свој начин, слободоумен и немистификуван, кажувајќи ја вистината, смеејќи се на другите и на себе. Во авторскиот тим се потпишуваат: Кристијан Гергеје – кореограф, Адиса Ватреш-Селимовиќ – сценограф и костимограф.