Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, оствари средба со Марникс ван Рај, заменик извршен директор во Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), кој е во посета на нашата земја, во рамките на редовната мисија на Фондот за оцена на макроекономските политики на земјата.
На средбата се зборуваше за политиките на централната банка во изминатиот период на последователни кризи, како и за предизвиците во следниот период. Притоа беше оценето дека соодветно поставените политики и преземените мерки придонесле за значително намалување на инфлациските притисоци, за одржување на стабилноста на девизниот курс како номинално сидро, за пораст на девизните резерви и за одржување на стабилноста на банкарскиот систем.
– Сите овие подрачја се разгледуваат на редовна основа, со претставниците на ММФ во рамките на мисиите поврзани со членот 4 од договорот за членство во Фондот. Марникс ван Рај изрази позитивен став за начинот на спроведување на монетарната и на макропрудентната политика од страна на Народната банка и нагласи дека е потребно натамошно претпазливо водење на политиките, со оглед на тековните ризици од надворешното окружување – информираа од Народната банка.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска посочи дека централната банка е посветена на одржувањето на севкупната макроекономска стабилност и упати на потребата од внимателност, во услови на зголемена глобална неизвесност, но и домашни ризици. Воедно, таа се осврна и на банкарскиот систем, при што истакна дека Народната банка постојано презема повеќе макропрудентни мерки за понатамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор. Како резултат на овие мерки, податоците покажуваат унапредување на отпорноста на банкарскиот сектор во однос на преткризниот период, со највисока адекватност на капиталот во изминатите две децении.