Деведесет и две семејства од Куманово четири месеци не користат бесплатен оброк преку проектот „Народна кујна“ на Министерството за труд и социјална политика. Оттаму информираа дека наскоро повторно ќе профункционира услугата наменета за ранливите категории граѓани, која, како што наведуваат, е резултат на лошата проекција на буџетот за минатата 2024 година.

– Народната кујна во Општина Куманово наскоро повторно ќе почне со работа, односно со бесплатен оброк за социјално ранливите – корисници на гарантирана минимална помош во системот на социјална заштита. Надминат е проблемот со услугата на народната кујна предизвикан од лошата проекција на буџетот за 2024 година на Министерството, која доведе до недостиг на финансии за испорака на дел од трансферите од Министерството до надлежните институции. Со новиот план за јавна набавка за 2025 година, предвидени се средства за оваа услуга и таа ќе продолжи – соопштија од МТСП.

Конкретно во Куманово, услугата до октомври 2024 години ја користеле 92 семејства со 222 дневни оброци. Во соседната општина Старо Нагоричане ја користат 19 семејства со 30 оброци. Од МТСП велат дека согласно со Законот за локална самоуправа, општините, исто така, се надлежни и за грижа за лицата изложени на социјален ризик.

Во Општината, услугата функционира од лани. Годинава, за таа намена се одвоени шест милиони денари. Правото на користење народна кујна е дел од општинската програма за социјална заштита и за корисниците предвидува право на еден дневен оброк. Оброците се подготвуваат во ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“, кој е давател на услугата, а програмата е поддржана од буџетот на Општината. Општина Куманово во јануари го објави повикот.

– Во моментов, оброк користат 100 граѓани. Лани почнавме со педесетина, а стигнавме до 280 корисници. Запознати сме дека граѓаните не можат да користат бесплатен оброк преку МТСП, поради финансирање. Во Општината, до лани до септември имавме 60 корисници, сега бројот е надополнет. Ако има потреба, подготвени сме да направиме дополнителни напори и да се зголеми бројот на корисници – изјави раководителот на Секторот за социјална заштита, Александар Крстевски.

Во моментов, услугата на Народната кујна ја користат 1.659 корисници, кој имаат право на вкупно 3.247 оброци. Секој од корисниците се потпишува на претходно изготвен список од надлежниот центар за социјални работи, со цел да се води евиденција во врска со бројот на корисници и побарувачката на оброци.

ИЗДВОЕНИ