Претставата „Народен пратеник“ од авторот Бранислав Нушиќ, овој пат во адаптација и режија на Егон Савин, култното режисерско име, завчеравечер премиерно беше одиграна во Македонскиот народен театар и ги собра сите симпатии на публиката. Претставата, која на театарската сцена првпат беше поставена пред повеќе од еден век (1896), очигледно не губи на актуелност до ден-денешен, а ликовите и дејствието речиси во целост ги отсликуваат и случувањата карактеристични за денешното општество во кое живееме.
Човечката алчност за власт, политичката корупција, непотизам, аморален менталитет, и воопшто, атмосферата во услови на избори кога „сè е дозволено, па дури и да се лаже без трошка срам и совест“, бидејќи, како што вели еден од ликовите во претставата, „што повеќе лажеш, народот повеќе ти верува“ и сето тоа во рамките не само на општеството, туку и во самото семејство…
Сите овие моменти одлично беа доловени од веќе докажаните актерски имиња Александар Микиќ, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска и Дарја Ризова.
Заплетот во претставата почнува со амбицијата на таткото, газда Јеврем Прокиќ (Александар Микиќ), добродушен, но политички неписмен, и адвокатот Ивковиќ, (Александар Михајловски со снимен глас), кој е всушност зетот за ќерката на Јеврем, Даница (Дарја Ризова), да се кандидираат за народен пратеник. Притоа едниот е од партијата на власт, а другиот од опозицијата… па конфликтот започнува во самото семејство. Веднаш со свои амбиции се јавува и пошироката фамилија, „превртливите гласачи“ Спиро, баџанак на Јеврем кој го глуми Јордан Симонов и Спироица –Тања Кочовска. Тука е и главниот помагател и душегрижник за изборниот процес и победа на Јеврем, Срета (Тони Михајловски), на кој единствената цел му е да се стекне со некаква финансиска добивка…
Адаптацијата на Егон Савин е всушност остра сатира и критика на аномалиите во општеството, на реалноста која ја живееме и претставува реален приказ на современо општество во кое се губат (или се веќе изгубени) основните човекови вредности.
Инаку, Егон Савин се врати во МНТ по подолг период. Претходно ги има поставено „Злосторство и казна“ (1994) и „Лаж и паралаж“ (1996).
Сценограф на претставата „Народен пратеник“ во режија на Егон Савин е Весна Поповиќ, костимограф е Роза Трајческа-Ристовска, преводот на текстот го направи Загорка Поп-Антоска Андовска, а дијалектната адаптација на текстот е на Томислав Османли.
Асистент на режисерот е Шенај Мандак, а изборот на музиката е на режисерот.
Претставата „Народен пратеник“ која е во рамките на одбележувањето на 80-годишнината на Македонскиот народен театар, следната изведба ќе ја има на 30 јануари. (Д.Т.)