Триесетгодишен Македонец, осомничен дека е водач на наркомафија што дејствува низ средна Европа, бил уапсен на аеродромот во Женева на 29-ти јануари, по што бил екстрадиран во Австрија, објави швајцарскиот портал „Блик“.
Според австриските истражни органи, уапсениот бил баран со европска потерница од 2022 година, под сомнение дека организирал шверц на најмалку четири килограми хероин и 1,5 килограми метамфетамин. Јавното обвинителство во Линц го смета за клучен член на регионална мрежа за дистрибуција на дрога.
Македонскиот наркобос, чиј идентитет не е објавен, долетал од Приштина и имал нови документи направени во Македонија, со сменето име. Но, швајцарските гранични власти успеале да го идентификуваат според лицето, препознавајќи го од потерница.
Осомничениот наркобос бил експресно испорачан во Австрија, а заедно со него биле уапсени уште неколкумина поврзани луѓе, пишува швајцарскиот портал.