Наредната недела ќе се знае кој и по колку ќе добие од 100 милиони евра 

95

Ресорните министерства до средина на наредната недела треба да дадат извештај кои проекти во нивниот ресор ќе се финансираат, и потоа на седница на Влада ќе се знае конечниот список. Општина Теарце е единствена од вкупно 81 единица на локалната самоуправа во државата која не успеала да аплицира. Прво, пратила апликација без потпис и печат и тоа од приватен мејл. Потоа, пратила апликација и по пошта, но рокот бил веќе пробиен

 

Од денеска почна евалуацијата на проектите на општините за распределба на сто милиони евра, чиј рок за доставување истече во понеделникот. Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, уште еднаш појасни дека тој процес се очекува да трае не подолго од седум до десет дена.

– Кон средината на следната недела ние треба да имаме подготвен извештај од ресорните министерства – кои проекти во нивниот ресор ќе се финансираат. Сакаме дел од овие средства колку што е можно побрзо да им ги направиме достапни на општините за да можат да ги ефектуираат и оваа година. Имаме општини каде зимата доаѓа многу побрзо – истакна Перински.

Општина Теарце е единствена од вкупно 81 единица на локалната самоуправа во државата која не успеала да аплицира. Прво, пратила апликација без потпис и печат и тоа од приватен мејл. Потоа, пратила апликација и по пошта, но рокот бил веќе пробиен.

Според министерот, ако извештаите бидат готови до средината на следната недела, веднаш ќе бидат ставени на владина седница за да се донесе конечна одлука.

Селекцијата на проектите ќе се врши според два критериуми: распределба на обезбедените финансиски средства според глава на жител од резидентното население во секоја општина согласно последниот попис во Македонија, како и комплетноста на потребната проектна документација со сите потребни дозволи и согласности, со реведирана предмет-пресметка не постара од 12 месеци.

На прашањето зошто Владата се решила на два општи критериума, а не се одело со појасни, построги и поконкретни за да се објективизира процесот на селекција, Перински одговори дека целта е стоте милиони евра да се искористат во целост.

– Во минатото кога се случувале слични повици, бидејќи ваков немало, општините аплицирале во ресорните министерства и притоа ресорните министерства евалуирале во согласност со своите специфични критериуми. Согласно ревизорски извештај на Државниот завод за ревизија, се кажува дека во иднина Владата треба да размисли да унифицира критериуми што ќе важат подеднакво за сите општини без разлика во кое министерство ќе аплицираат. Зошто? Доколку една општина сака да добие одредени средства од, да речеме, Министерството за транспорт, треба нејзиното барање да го усогласи со спецификите на ова министерство. Ако сака да добие реконструкција на училиште, треба спецификите да ги приспособи до критериумите на Министерството за образование – објасни Перински.

Тој додаде дека за да не се обременува ситуацијата, за да им даде поголема можност на општините на рамноправна основа да добијат дел од овие средства е одлучено да се оди со овие два критериума, што, како што вели, навистина не се ограничувачки и секоја општина може да аплицира.

Според Перински, првиот критериум е токму во насока на искористување на точната предвидена сума од сто милиони евра.

Прашан дали во овој процес ќе видиме донирани проекти, Перински рече дека такви случаи имало во минатото – одредени компании, користејќи ја финансиската немоќ на локалните самоуправи, донираат проекти и фаворизираат некоја фирма која во иднина треба да го реализира тој проект, но се надева дека сега нема да има таков случај.

– За да нема такви случаи во иднина, Министерството за локална самоуправа преку УНДП како имплементатор, со поддршка на Шведската влада, им се нуди на локалните самоуправи и на оние што не се во можност да финансираат проект, со наши средства да им проектираме – рече тој.

Министерството за локална самоуправа објави јавен повик за распределба на сто милиони евра за инфраструктурни проекти на општините. Проектите се доставуваа до шест ресорни министерства – за култура и туризам, за транспорт, социјална политика, образование, животна средина и за спорт.

(А.П.)