Напролет ќе профункционира центарот за ресоцијализација и рехабилитација на децата лекувани од рак

105

Во старото основно училиште во скопското село Кучково, кое се пренаменува и адаптира, напролет ќе профункционира регионалниот центар за ресоцијализација и рехабилитација на децата што ја поминале една од најтешките болести – канцерот.

Училиштето, кое е старо повеќе од сто години, е веќе реконструирано и комплетно реновирано. Во завршна фаза е поставувањето на фасадата, останува партнерното уредување и се очекува до пролет да биде и опремувањето со мебел. Има голема кујна, занимални каде што ќе се одвиваат работилниците и едукацијата, седум спални соби со комплетно опремени тоалети. Во секој момент, во објектот може да престојуваат четириесетина деца.

Доцна напролет, таму ќе престојуваат првите дечиња, кои ќе уживаат во убавините на ова скопско поднебје, ќе се едуцираат и ќе се дружат со своите другарчиња.

– Нема ваков сличен центар во ваква форма на територијата од Атина до Љубљана. Идејата е да биде центар за ресоцијализација, првенствено, на децата што го победиле карциномот. Понатаму може да вклучуваме и други категории, бидејќи проектот има цел и задача да овозможи интеграција, ресоцијализација и повторно вклучување во нормалниот тек на живот на овие дечиња. Тука ќе им помогнат нивните другарчиња од училиштата, од други средини, со нивните родители – вели градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.

Финансиската конструкција за обнова, реновирање и за адаптација на целиот објект чинела околу 300 илјади евра, а дополнително се предвидени уште 500 илјади денари за купување мебел.

– Приближно околу 300 илјади евра е инвестицијата, која е од швајцарската Влада и дополнително имавме и дел од Министерството за локална самоуправа и од Општината Ѓорче Петров – објаснува Стојкоски.

Одржливоста на регионалниот центар ќе биде решена од Општината, која, како што објаснува, ги покрива сите трошоци за општинските објекти како вода, струја, обезбедување, одржување на самиот објект…

Идејата за ваков центар дојде од невладината организација САНО и од нејзината претседателка, Марија Вук, кои веќе шест години им помагаат на децата болни од канцер и на нивните семејства.

Како што информираше таа, според последните податоци од Клиниката за детски болести во Скопје, поточно од Одделението за хематоонкологија, секоја година има по околу 40 новозаболени деца од некој вид канцер.

Почетокот на проектот за регионален центар за рехабилитација на децата што го победиле канцерот беше на 4 септември 2023 година, поддржан е од Министерството за локална самоуправа и од Владата на Швајцарија и се спроведува од Општина Ѓорче Петров и Центар за развој на Скопскиот Плански Регион.

Тогаш беше објавено дека вкупната вредност на проектот ќе изнесува 23.574.074 денари, од кои 10.380.998 денари требаше да бидат обезбедени од Министерството за локална самоуправа, додека 8.435.000 денари преку швајцарската Влада.

(А.П.)

 

ИЗДВОЕНИ