Нема град или населено место во земјава што не се соочува со зголемен наплив на бездомни кучиња, кои секојдневно создаваат проблеми. Во билтените на МВР, секојдневно се регистрирани случаи на граѓани што се нападнати или каснати од бездомни кучиња. Директорот на АХВ, Оливер Миланов, очекува да се реши проблемот со зголемениот број бездомни кучиња само со воспоставување контрола и со регистрација на размножувањето на кучињата миленици, како еден од главните фактори на овој проблем. Пред почетокот на панел-дискусијата, тој истакна дека, за таа цел, инсистира да се донесат измените и дополнувањата на Законот за заштита и благосостојба на животните
Нема град или населено место во земјава што не се соочува со зголемен наплив на бездомни кучиња, кои секојдневно создаваат проблеми. Во билтените на МВР, секојдневно се регистрирани случаи на граѓани што се нападнати или каснати од бездомни кучиња.
Со цел да им се помогне на општините во справувањето со овој децениски проблем, со поддршка од австриската амбасада, денеска, во Клубот на пратеници дискутираа претставници од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Ветеринарната комора, како и од повеќе институции од невладиниот сектор во државата, невладини претставници од Австрија, како и практичари и еминентни професори.
Директорот на АХВ, Оливер Миланов, очекува да се реши проблемот со зголемениот број бездомни кучиња само со воспоставување контрола и со регистрација на размножувањето на кучињата миленици, како еден од главните фактори на овој проблем. Пред почетокот на панел-дискусијата, тој истакна дека, за таа цел, инсистира да се донесат измените и дополнувањата на Законот за заштита и благосостојба на животните.
– За нас, како институција, е несфатливо како можеше да биде повлечен овој Закон од собраниска процедура. Со донесување на овие измени и дополнувања, ќе биде ставен фокусот на воспоставувањето, контролата и на регистрацијата на размножувањето на кучињата миленици – изјави Миланов, додавајќи дека за решавање на овој проблем, освен АХВ и општините, посветени се и ветеринарните друштва, сопствениците на кучиња, како и комуналните инспектори.
Според податоците на АХВ, во земјава се регистрирани вкупно 139.463 кучиња домашни миленици, а не се знае колку се бездомни. Тој потенцира дека во моментов, во Македонија има 29 регистрирани и одобрени прифатилишта.
– Моја крајна цел е да немаме бездомни кучиња на нашите улици – нагласи Миланов.
Во однос на внесувањето кучиња од село во град, тој појасни дека се во секојдневна комуникација со МВР и дека имале неколку состаноци за илегалното внесување и извезување кучиња, како и за транзитот и транспортот низ целата територија на државава.
Претседателот на Ветеринарната комора, Жарко Михајловски, изјави дека и тие даваат поддршка за носење измени на Законот за заштита и благосостојба на животните.
– Даваме поддршка да се продолжи процесот и што побрзо да се донесат измените на Законот, со цел да се подобри целокупната ситуација со кучињата скитници, а сите знаеме каква е ситуацијата денес. Докторите по ветеринарна медицина секојдневно се вклучени во справувањето со проблемот со кучињата скитници – рече Михајловски.
Во врска со случајот кога беше претепано куче од вработен во фирма кај Момин Поток, со тоа што повеќе пати беше удирано по глава, директорот Миланов истакна дека АХВ веднаш го известила МВР за насилникот што изврши обид за убиство на бездомното куче и дека е приведен тој.
– Да, веднаш беше побарана изјава од МВР. Ние, како Агенција, пративме допис со известување до нив, за насилникот што изврши обид за убиство на бездомното куче. Тој беше приведен од МВР и тие, како институција, натаму си поведуваат дејства за него – заклучи Миланов.
Скопските општини му должат 22 милиона денари на ЈП „Лајка“
Долгот на скопските општини кон ЈП „Лајка“ за третман на бездомните кучиња достигна 22 милиона денари. Општините се обврзани годишно да му плаќаат на „Лајка“ по 2 милиона денари. Оттаму посочуваат дека од десетте општини, во 2022 година долгот си го намириле само три, а за да има резултати, „Лајка“ треба да постапува во сите 10 општини.
– И покрај неисплатените долгови, постапуваме во сите општини без исклучок, бидејќи, за нас, е најважно да се спроведува програмата и да се третираат што е можно повеќе бездомни кучиња, нивната благосостојба и безбедноста на граѓаните наспроти политичките опструкции и калкулации со кои страдаат единствено кучињата и граѓаните – велат од ЈП „Лајка“.
Штетата од каснување на територијата на овие општини ја плаќаат ЈП „Лајка“ и Град Скопје, а општините не ги исплаќаат своите финансиски обврски.
– Доколку сите 10 скопски општини си ги плаќаат обврските, претпријатието ќе работи сигурно и одржливо, со што би се решил и проблемот со исплаќањето отштети за каснување од бездомно куче – сметаат од претпријатието.
Од јавното претпријатие „Лајка“ го коментираат признанието на советникот во Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Кирков, дека кога ќе се смени градоначалничката Арсовска, ќе ги одблокираат претпријатијата, и така „Лајка“ и сите други ќе профункционираат.
– Убаво, советнику, што ќе ги одблокирате претпријатијата само ако има ваш послушник за градоначалник, ама не ќе беше лошо да ѝ кажете на јавноста дека ефикасното функционирање на ЈП „Лајка“ е попречено поради долговите што не ги плаќаат вашите градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ веќе три години, иако имаат обврска за тоа – се огласија од претпријатието.
Уште еднаш повторуваат дека се влошува состојбата со носењето голем број бездомни кучиња со комбиња од другите градови во Скопје, затоа што, како што нагласуваат, „на другите општини тоа им е најлесен и најевтин начин за справување со проблемот“.
– За овој проблем, има и пријави до Министерството за внатрешни работи, но досега нема никаква интервенција од полицијата – информираат од ЈП „Лајка“.
Од претпријатието сметаат дека без соодветно законско решение за регулирање на неодговорното сопствеништвото, сопствениците ниту мораат да ги регистрираат ниту плаќаат пенали за штетата што ја предизвикуваат, а законот со кој треба да се регулираат несовесното сопствеништво и граѓаните што фрлаат миленици, повеќе од четири години е во процедура за донесување.
– И покрај сите овие проблеми со кои се соочува, ЈП „Лајка“ во последните две години го има дуплирано резултатот на третирани кучиња наспроти кое било претходно партиско раководство, што, впрочем, и е главната дејност на претпријатието: хуман третман на бездомните кучиња – заклучија од претпријатието.
(А.П.)