Возачот кој во петокот ги покоси посетителите на Божиќниот саем во германскиот град Магдебург и кој е идентификуван како саудискиот лекар Талеб А, е во притвор, а нема индиции за исламистички мотиви за нападот, објавија германските медиуми, повикувајќи се на полицијата.
„Одговорното јавно обвинителство во Магдебург побара налог за апсење за убиство и повеќекратен обид за убиство, издаден од окружниот суд во Магдебург.
„Судијата му одреди мерка притвор за пет убиства, повеќекратни убиства во обид и повеќе тешки телесни повреди“, соопшти полицијата, пренесува Билд. Доцна синоќа „возачот на смртта“ е изведен пред судија во Центарот за правда во Магдебург.
Момче (9) и четири жени (45, 52, 67, 75 години) беа убиени во нападот што се случи во петокот попладне кога Талеб А. со својот автомобил влета во луѓето собрани на божиќниот саем. Шефот на Федералната служба за криминалистичка полиција (БКА), Холгер Мин, за ЗДХ изјави дека мотивите на Талеб А. се уште се премногу нејасни за јасна проценка, но дека, и покрај природата на злосторството, нема индиции дека нападот беше мотивиран од исламистички принципи.
На федералниот обвинител, исто така, сè уште не му е јасно како ќе бидат класифицирани фактите, пишува Билд, додавајќи дека осомничениот имал исламофобични ставови и бил активен на десничарските екстремистички платформи. Меѓутоа, денес не може недвосмислено да се каже дека злосторството е политички мотивирано, изјави шефот на Федералната служба за криминалистичка полиција.
По нападот во Магдебург, претставникот на федералната влада за жртвите, Паскал Кобер, очекува дека можеби ќе им треба помош на неколку стотици луѓе.
„Тоа беше еден од најголемите напади што сме ги имале досега. „Ако ги вклучите сведоците и оние кои први реагираа, тоа се зголемува до троцифрен број жртви“, рече тој.
Germans have taken to the streets in Magdeburg tonight.
They are chanting:
“Anyone who doesn’t love Germany, should leave Germany!” pic.twitter.com/vEcaJAQTUc
— Visegrád 24 (@visegrad24) December 21, 2024
Обвинителот од Магдебург на вчерашната прес-конференција соопшти дека во нападот загинале пет лица, а повеќе од 200 се повредени.
Според германските медиуми, напаѓачот, чие име се уште официјално не е објавено, по професија е лекар кој на социјалните мрежи се залагал за борба против исламизмот и за кој, според првичните информации, се верува дека дејствувал сам.
Според моментално достапните информации, напаѓачот е специјалист по психијатрија и психотерапија, по потекло од Саудиска Арабија. Тој дошол во Германија во 2006 година и оттогаш живеел во Бернбург, на околу 50 километри јужно од Магдебург, пренесува Танјуг.