Косовската полиција соопшти дека синоќа нешто пред полноќ дошло до експлозија во дворот на полициската станица во Звечан. Во експлозијата нема повредени, пренесе Еуроњус Србија.
„Околу 23 часот и 55 минути е пријавено дека непознати лица фрлиле две рачни бомби во дворот на полициската станица, каде освен материјална штета нема повредени. Случајот е во истрага“, кусо се наведува во полициското соопштение.
Обвинителот нареди случајот да се поведе како „предизвикување општа опасност“.
„Косовската полиција силно ги осудува овие опасни напади и апелира до граѓаните да соработуваат со властите за да помогнат во идентификувањето на сторителите на овој напад. Секоја информација што може да помогне во истрагата може да се пријави на полициските броеви или преку сигурни линии за известување“, се заклучува во соопштението.