
Петнаесетгодишно момче денеска со нож уби соученичка и рани уште тројца ученици во средно училиште во градот Нант на западот на Франција, пред да биде совладан од наставниците, соопшти полицијата.
ТВ БФМ јави дека едно девојче е убиено, а три момчиња се повредени. Полицијата не ја потврди возраста или полот на жртвите.
Наставниот персонал го совлада напаѓачот во приватното католичко училиште Нотр-Дам-де-Тут-Аидес пред да пристигне полицијата, изјави портпаролот на полицијата.
Полицијата не го наведе осомничениот ниту мотивот за нападот, само рече дека нема индикации за тероризам.
Локалниот весник Ouest France пишува дека напаѓачот бил облечен во црно и носел кацига и качулка. Се наведува и дека покрај неговите работи биле пронајдени два ножа.
БФМ и другите медиуми објавија дека осомничениот напаѓач, користејќи го својот мејл профил, испратил документ до сите ученици во училиштето во кој насликал темна слика за општеството, но не спомнал можен напад.
Француската телевизија franceinfo јавува дека нападот со нож уследил по конфликт меѓу студенти. Од полицијата се уште не ги потврдуваат пишувањата на медиумите.