Во срцето на Ѓорче Петров, до пазарчето ќе никне нова катна гаража, наместо станбена зграда. Тоа е овозможено со изгласувањето на отпочнување на постапка за измена и дополнување на ДУП за Градска четврт СЗ 15, Блок СЗ 15.03, за обезбедување локација за нова катна гаража, на последната седница, од страна на членовите на Советот на Општина Ѓорче Петров.
-По години на недостаток на паркинг простор во Реонскиот центар, конечно се преземаат конкретни чекори за решавање на овој проблем кој го мачи секојдневниот живот на жителите. Катната гаража ќе биде лоцирана непосредно до Реонскиот центар, на местото кое сега се користи како паркинг, и ќе обезбеди повеќе паркинг места – соопштија од локалната самоуправа.
Советот на Општина Ѓорче Петров на последната седница го изгласа ребаланс на Буџетот со кој се овозможуваат дополнителни средства во основните училишта, подобрување на инфраструктурата и шпридонес за здрава и чиста животна средина.
Основниот буџет е зголемен за 4.682.055 денари, а вкупниот буџет за 26.329.003 денари. Одвоени се дополнителни средства за инвестиции во училиштата, односно реконструкција на игралиштата во три училишта во износ од 5.850.000 денари, замена на оштетените подови во износ од 3.900.000 денари и реконструкција на оградата во ООУ „Тихомир Милошевски“ за што се издвоени дополнителни 500.000 денари.
Советниците изгласаа и обезбедување превоз на ученици од населба Александрија до ООУ „Мирче Ацев“ за цела учебна година, за што општината ќе одвои 800.000 денари.
-Со обезбедувањето превоз за тие дечиња, решаваме голем проблем на родителите кои долго време бараа реакција од општината – нагласи градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.
Со ребалансот, предвидени се средства и за поставување камери и алармен систем во сите училишта во износ од 880.000 денари, како и промена на оштетени врати во училиштата за што ќе бидат одвоени 372.000 денари.
Општина Ѓорче Петров во соработка со Владата обезбеди дополнителни 6 милиони денари за реконструкција на улици во урбаниот дел, со цел подобрување на условите за движење и сообраќање, што е одлична вест за жителите.
Со новиот ребаланс на Буџетот, активно се вложува и во подобрување на јавната чистота и зеленило, преку набавка на камиони во износ од 2.400.000 денари, набавка на косилки во вредност од 600.000 денари и промена на парковски чешми во износ од 500.000 денари.
Воедно, со ребалансот е предвидено и формирање на ново јавно комунално претпријатие на Општина Ѓорче Петров.
-Ја основавме новата служба која ќе се грижи за чистота и одржување на нашата општина. Вложувањето во подобрување на условите во нашата општина е клучно за иднината на нашите деца и нашата заедница. Општината во соработка со Советот и во иднина ќе продолжи да носи одлуки кои се исклучиво во интерес на јавното добро – дециден е Стојкоски.
(А.П.)