Поранешниот пратеник, поранешен портпарол на СДСМ и екс градоначалник на Скопје, Петре Шилегов со кратка порака го коментира новото раководство на СДСМ кое вчера одржа седница во седиштето на партијата. Шилегов не присуствуваше на „Бихаќка“, но се огласи на социјалните мрежи.
Тој не го крие незадоволството од новото раководство на СДСМ. Тој ја објави песната „Во бестрага“ од Нокаут и Игор Џамбазов и само напиша: „Наместо коментар…“
На првата седница на новиот Централен одбор на СДСМ вчеравечер за нови потпретседатели на партијата беа избрани поранешната министерка за животна средина Каја Шукова, професорката од Правниот факултет во Скопје Ана Чупеска, Методија Илиевски, член на Советот на општина Битола и Кристина Костова од Штип, член во Централниот одбор во СДСМ.
За генерален секретар е избран Александар Димитријевиќ, а за организациски секретари Љупчо Пармаковски од СДСМ Центар и Мартин Костовски пратеник во Собранието.