При претресот на возилото на Ангел С. марка БМВ, бил пронајден ранец со службени материјали од МВР, а при претресите, направени на повеќе локации, полицијата запленила компјутери, мобилни телефони, службени документи. Предметите ќе се вештачат и треба да се утврди дали имало и друга „продажба“ на полициски тајни. Дека тежината на ваквиот случај е многу поголема од сите други, бидејќи се доведува во прашање безбедноста на првиот човек во државата, укажува поранешниот разузнавач Владимир Пивоваров за весникот ВЕЧЕР. Не само личниот интегритет на премиерот, ваквото непрофесионално опкружување на премиерот може да ја загрози и безбедноста на целата држава
„Имаме визија да создадеме еден професионален македонски полициски службеник, кој ќе работи само во интерес на државата и граѓаните, рече пред месец и половина министерот за внатрешни Панче Тошковски на одбележувањето на 80-годишнината од постоењето на Одделот за заштита на определени личности и објекти или во јавноста познат како шеста управа. Криминалното поведение за кое се сомничи последно уапсениот член на личното обезбедување на премиерот, не оди во прилог на визијата за која зборуваше Тошковски.
Инспекторот Ангел Сарамаков од Велес, место да му го чува грбот на првиот човек во државата, во обид да продаде службена тајна за 50.000 евра на сведок во постапка, објави Обвинителството за организиран криминал и корупција каде што се води истрагата против членот на обезбедувањето на премиерот. Истрагата треба да покаже, дали постои опасност разговорите што Христијан Мицкоски ги водел во непосредна близина на веќе притворениот Сарамаков, да бидат компромитирани. Инспекторот од Велес, според информацијата која денеска ја сподели обвинителството, на паркинг на хотел во близина на местото Речани, во Велес, се сретнал со сведок во постапка и му дозволил да слика документи со назнака доверливо со цел да бидат објавени на социјалните мрежи и за тоа „дебело“ си наплатил. Освен што сторил кривично дело оддавање на службена тајна, полицаецот сторил и срам врз професионалноста за која визионира првиот човек на полицијата.
Од владата кусо информираа дека истрагата треба да утврди што се случило. При претресот на неговото возило марка БМВ бил пронајден ранец со службени материјали од МВР, а при претресите направени на повеќе локации полицијата запленила компјутери, мобилни телефони, службени документи. Предметите ќе се вештачат и треба да се утврди дали имало и друга „продажба“ на полициски тајни.
Денеска од опозициската СДСМ прашаа: дали обезбедувањето на Мицкоски самоволно дејствувало, или било испратено да пренесе информации, бидејќи тој лично, согласно своите надлежности, нема пристап до доверливи податоци? Кој му ги дал тие информации и кој ја диригира целата соработка со наркоклановите од институциите?
Опозицијата потсети на случај од минатото кога шефот на обезбедувањето на премиерот Мицкоски претепа полициски службеници и спречи акција за сузбивање на дрога, настан што според СДСМ и тогаш МВР се обидуваше да го прикрие. Кривичната пријава за член од личното обезбедување на Мицкоски поради тргување со службени документи беше објавен на официјалната страна на МВР откако претходно медиумите почнаа да објавуваат детали од апсењето.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ и возвратија на опозициската СДСМ дека ги разбираат дека после сè што ѝ направија на Македонија, тешко им е да ја сфатат борбата против криминалот.
-Но, нема милост за криминогените, дали бил член на СДСМ, член на ВМРО-ДПМНЕ или обезбедување на премиерот. Законот ќе важи за сите подеднакво. Кога последен пат бил уапсен член на обезбедување на премиер? А ќе потсетиме дека Заев и СДСМ го имаа „Сашо ќе пукам“, потоа премиерски телохранител со потекло од Струмичко, со по неколку пријави за тешко насилство, кои поминуваа нечепнати, ниту одговараа пред законот, потсетија на случаите од минатото во шестата Управа од ВМРО-ДПМНЕ.
Полицаецот Ангел Сарамаков од денеска се наоѓа во истражниот затвор „Шутка“ во Скопје, нему судија на претходна постапка му определи притвор од 30 дена. Обвинителството го гони по член 360 од законот за кривична постапка, односно за делото оддавање на службена тајна според кое
„Тој што на јавноста или на неповикано лице ќе соопшти, предаде или на друг начин ќе му ги стори достапни податоците што претставуваат службена тајна или прибавува такви податоци со намера да ги соопшти или предаде на јавноста или на неповикано лице, ќе се казни со затвор од три месеци до пет години“.
Дека тежината на ваквиот случај е многу поголема од сите други, бидејќи се доведува во прашање безбедноста на првиот човек во државата, укажува поранешниот разузнавач Владимир Пивоваров за весникот ВЕЧЕР. Не само личниот интегритет на премиерот, ваквото непрофесионално опкружување на премиерот можат да ја загрозат и безбедноста на целата држава.
–Истрагата мора да утврди кој е тој, што вакво нечесно лице го назначило да биде најблиско опкружување на премиерот, ние секогаш одиме кон последицата, но таа е момент која укажува кон многу други системски слабости, да не се оди ад хок со истрагата, туку да се оди до крај, кои се тие лица кои го донеле на оваа позиција уапсениот, порачува Пивоваров и нагласува дека нечесна полиција води кон пропаст и мора да се најде модус како по примерот на АНБ да има законска проверка на интегритетот на вработените и во шестата Управа во однос на лојалноста кон службата и државата.
–Денес поради лоши кадровски политики и проверки пред да бидат примени, оние што работат за мафијата го валкаат и професионализмот на чесните во полицијата и не се свесни дека во вакви ситуации на тежок профилен криминал можат да ги доведат своите колеги во безбедносно загрозувачка ситуација, вели Пивоваров според кој нужна е „чистка“ во структурите на МВР со непрофесионалните и компромитираните полициски службеници.
Одделот за заштита на определени личности и објекти организациски припаѓа на БЈБ при МВР. (П.А.)