Предлог-листата на Стопанската комора на трговци се однесува на 140 производи. Листата вчера ја доставија до Владата, Министерството за економија и труд и до Државниот пазарен инспекторат.
Иако од Комората не споделуваат повеќе информации, сепак, неофицијално во јавноста се шпекулира дека посочените продукти се со маржа од 3 до 15 проценти и се очекува да биде разгледана до крајот на неделава, што и го потврдија од Министерството за економија, од каде што очекуваат дека со конечната одлука ќе се изврши притисок врз цените на основните прехранбени продукти. Трговците сметаат дека мерката треба да важи еден месец, со што би се опфатиле и верските празници Велигден и Рамазан
Лебот, млекото, овошјето, зеленчукот, маслото за јадење, како и средствата за хигиена, се дел од предлог-листата од 140 производи на Стопанската комора на трговци, која ја скрои кога се премиерот Христијан Мицкоски и министерот за економија, Бесар Дурмиши, надвор од земјава, а се однесува за намалување на маржата на овие продукти. Листата вчера ја доставија до Владата, Министерството за економија и труд и до Државниот пазарен инспекторат.
Иако од Комората не споделуваат повеќе информации, сепак, неофицијално во јавноста се шпекулира дека посочените продукти се со маржа од 3 до 15 проценти и се очекува да биде разгледана до крајот на неделава, што и го потврдија од Министерството за економија, од каде што очекуваат дека со конечната одлука ќе се изврши притисок врз цените на основните прехранбени продукти.
– Кога ќе има одлука, ќе ја информираме јавноста – изјавија од Министерството.
Трговците сметаат дека мерката треба да важи еден месец, со што би биле опфатени и верските празници Велигден и Рамазан.
Од Комората, на петочната средба во Министерството за економија, побарале да има реално намалување на цените на 100 до 200 производи, затоа што со првичната формула се опфатени над 1.000 производи, што, како што изјавија, им создава проблем во секојдневното работење за контрола на цените.
– Тоа е многу напорно и не може да се постигне доволна контрола, бидејќи се случуваат злоупотреби со картончињата на кои се напишани цените, ги вадат, паѓаат. Тоа, пак, ни создава голем ризик-фактор дека може да дојде инспекција и да ни најде дека е необележана цената – рекоа од Трговската комора и потенцираа дека, заедно со производителите и со набавувачите, се прави напор да не се покачуваат цените за да може да се најде некое заедничко решение.
Владата го задолжи Министерството за економија да подготви предлог-одлука за ограничување на бруто профитната маржа на 10 проценти во трговијата на големо и во трговијата на мало на дел од основните прехранбени производи, средствата за хигиена и бебешката храна. Со предлог-одлуката требаше да бидат опфатени основните прехранбени производи на истите 73 групи производи што беа во претходните кошници, но и детергентите, бебешката храна и други непрехранбени производи кај кои е забележана многу висока маржа, а се дел од основните потреби на граѓаните. Ваквата одлука се темелеше на шестмесечниот извештај од Државниот пазарен инспекторат, според кој беше утврдено дека кај трговците на мало има над 20 отсто маржа на основните прехранбени производи и над 30 отсто маржа кај средствата за лична хигиена, додека кај увозниците и кај дистрибутерите се евидентирани повисоки маржи, кои одат дури и до 50 отсто.
(С. Бл.)
СДСМ побара намалување на ДДВ за струја од 18 % на 5% и укинување на ДДВ на храната
СДСМ вчера ги поднесе првите законски решенија од пакетот мерки за спас на животниот стандард на граѓаните. Станува збор за седум мерки, пакет- решенија за спас на економијата и за подобрување на животниот стандард на граѓаните, кои вклучуваат: намалување на ДДВ за струја од 18 % на 5 %, укинување на ДДВ за храна на 0 %, замрзнување на цените на основните производи, фиксирање на маржите, зголемување на платите во приватниот сектор и спроведување на Законот за нефер трговски практики.
– Намалувањето на ДДВ за електричната енергија ќе значи 13 проценти пониски сметки, односно поевтина струја за над 600 илјади домаќинства. На сметка од 3.000 денари, граѓаните ќе заштедат околу 400 денари – износ што наместо да оди во државниот буџет, ќе остане во семејните буџети. А, пак, укинувањето на ДДВ за основните прехранбени производи ќе доведе до поевтинување на храната, односно до намалување на цените на основните прехранбени производи за 5 проценти – рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи.
Со поднесувањето на овој предлог-закон по скратена постапка, како што потенцира Битиќи, започнуваме процес за системска реализација на мерките што директно ќе им го олеснат финансискиот товар на граѓаните.
– Ги повикуваме сите пратеници во Собранието да ги поддржат овие мерки и да застанат во заштита на граѓаните – истакна тој.