Изминативе денови, во земјава беше претежно сончево, со постудени утра. Во одделни котлини имаше појава на утринска магла или на ниска облачност. Овие временските услови, со подолго отсуство на врнежи, резултираа со намалување на влагата во почвата, што може да влијае, велат агрометеоролозите.

Според нив, секоја култура во различни фази од развојот има потреба од вода.

–  Кај овошните видови, овој период, почетокот на ноември, е најдобар за садење садници. При есенското и зимското садење, потребно е садницата да се загрнува со 30 сантиметри почва за заштита на коренот од мраз. Големо внимание треба да се обрне и на здравствената состојба на посадочниот материјал, особено да не е заразен од карантински болести и од штетници. Треба да бидат добро развиени, здрави, квалитетни садници од бараните сорти и подлоги – истакнуваат агрометеоролозите од УХМР.

Некои доцни сорти, како дуњите, јапонското јаболко и калинката, се во фаза на берба.

– Овошните култури имаат потреба од вода и по бербата наесен, заради кондиционирање и презимување без оштетување од ниски температури и заради формирање родни пупки за идната година. За постигнување висок и квалитетен принос низ целата вегетација, почвата треба да има доволно количество лесно достапна вода – нагласуваат агрометеоролозите.

Тие порачуваат дека кај другите култури треба да продолжи примената на потребните агротехнички мерки: наводнување, обезбедување хранливи материи за поголема отпорност кон зимските мразеви, употреба на сертифициран семенски материјал со добри, квалитетни сортни карактеристики и добра здравствена состојба, употреба на квалитетно ѓубриво…