Египетските власти го објавија откривањето на гробницата на фараонот Тутмос II од 18-та династија. Тоа е првата фараонска гробница откриена по гробницата на Тутанкамон, која била ископана во 1922 година.
Со заеднички напори на египетските и британските археолози, гробницата на Тутмос II е пронајдена во областа Теба, западно од Луксор во познатата Долина на кралевите. Тим од египетското Министерство за туризам и антиквитети, кое го објави значајното откритие, ја пронајде главната структура и премин на гробницата во 2022 година, а ископувањата оттогаш продолжија со меѓународни експерти.
Д-р Мохамед Исмаил Калед, генерален секретар на Високиот совет за антиквитети во Египет, вели дека во почетокот мислеле дека гробницата ѝ припаѓа на една од кралиците, бидејќи гробовите на сопругите на кралот Тутмос III се наоѓаат релативно во близина.
Меѓутоа, како што работата напредувала, биле пронајдени нови докази кои укажуваат дека сопственикот на гробницата бил кралот Тутмос II и дека бил погребан од кралицата Хатшепсут, неговата сопруга и полусестра.
Калед вели дека алабастерските садови пронајдени во гробницата биле испишани со името на Тутмос и јасно укажувале дека тој бил „покојниот крал“ кој бил таму, пренесува CBC News.
Тој го опиша откритието како едно од најважните археолошки откритија во последните години.
Артефактите се важен додаток на зголемениот број докази во оваа историска област и за владеењето на Тутмос II.
Инаку, неговата мумија била пронајдена уште во 19 век и тоа недалеку, на археолошки локалитет познат како DB320, во близина на Деир ел-Бахри, каде најверојатно била сместена со векови, откако разбојници упаднале во неговиот гроб.
Мумијата сега е изложена, заедно со другите владетели во новоотворениот Музеј на египетската цивилизација.
Гробницата е во лоша состојба, бидејќи била изложена на поплави, но пронајдени се ѕидни цртежи на кои се прикажани делови од книгата „Имдуат“ со која биле погребани големите Египќани, за да има водич за минување низ задгробниот живот.
Истражувањата ќе продолжат, а археолозите ќе се обидат да откријат каде се преместени останатите предмети со кои е погребан Тутмос II.