Повеќето од нас јадат леб секој ден, но ако целта ни е да ги изгубиме вишокот килограми, треба да ја избегнуваме оваа популарна храна. На многумина им е тешко целосно да го исфрлат лебот, па затоа ви пренесуваме неколку одлични идеи кои се поздрава замена за лебот.
Често јадеме леб за појадок, ручек или вечера, а сендвичите се популарна закуска. Иако многумина од нас не можат да замислат ден без леб, важно е да изберете поздрава опција.
Кога ќе ја погледнеме табелата со калориски вредности, ќе видиме дека нема значајна разлика помеѓу белиот и полубелиот леб – едно парче таков леб има помеѓу 125 и 130 калории.
Но, на изненадување на многумина, црниот и ‘ржаниот леб имаат приближно ист број калории.
Пченкарниот леб има најмалку калории, 110 по парче, но и тоа не е толку голема разлика како што очекувавме. Сепак, лебот од цело зрно е секогаш подобра опција поради неговиот нутритивен состав.
Ако сте решиле да ги намалите или исфрлите печивата од вашето мени, или затоа што се обидувате да изгубите тежина или поради здравствени причини, треба да знаете дека лебот има многу одлични замени.
Што да појадувате наместо леб:
Протеински леб
Постојат неколку видови на овој вид леб, од оние со повеќе видови житарки, до фитнес леб со помалку калории.
Овој леб повеќе се распаѓа, но е идеален за оние кои планираат да ослабат бидејќи, за разлика од белиот леб, овој леб има помал дел од јаглехидрати и поголем дел од протеини и здрави масти.
Леб од овес
Друга верна, но многу поздрава замена за обичниот леб е вкусниот и сочен овесен леб, кој е богат со влакна.
Овој леб можете да го најдете во продавниците за здрава храна, а неговата голема предност е што се пече без брашно и квасец, а секако погоден е и за вегани.
Овесна каша
Одлична идеја за појадок без леб е овесната каша, која воопшто не мора да биде досадна. Кашата е здрава и за разлика од парче бел леб со намаз, ве држи сити долго време.
Постојат многу варијации на овој појадок: збогатете ја кашата со бобинки, рендано јаболко, банани, семки, џем, путер од кикирики, цимет или ванила.
Омлет
Вкусниот омлет речиси нема јаглехидрати и е добра алтернатива за појадок или вечера со леб. Како и овесната каша, нема да ви здодее омлетот бидејќи можете да го подготвите на многу начини и да го комбинирате со разни други намирници и зачини.
Тост од сладок компир
Најновиот хит меѓу поборниците за здрава храна е тостот од сладок компир. Не се работи за сечкани слатки компири во тестото, оваа алтернатива за леб се подготвува така што слаткиот компир се сече на парчиња и потоа се тостираат.
Тостот од сладок компир одлично се вклопува и со слатки и со солени филови – предлагаме да го пробате со лосос и авокадо или путер од кикирики и парчиња банана.
Ако ви треба брза замена за леб затоа што сте излезени и сакате нешто да јадете, ви ги предлагаме овие алтернативи кои се вкусни, но и здрави:
Интегрални крекери
Тие можат да се најдат во која било продавница за храна и обично се направени од природни влакна и содржат висока содржина на протеини.
Оваа замена за корка леб ќе ви помогне да го задоволите гладот помеѓу оброците, а можете да ги јадете со кој било намаз, јогурт или варено јадење.
Тортиља
Тортиљата може да биде одлична замена за леб и да послужи како основа за сендвич. Одберете ги состојките што ги сакате, а потоа виткајте ја тортиљата или свиткајте ја во триаголник.
Секако, не се сите тортиљи подеднакво здрави, а најдобро е да се изберат интегрални или на пример оние од леќа.
Оризови крекери
Оваа сè попопуларна закуска, која доаѓа во неутрални, солени или слатки сорти, е одлична идеја кога ви треба брза замена за леб.
Доколку барате најздрава верзија, би било добро да ги избегнувате оние со различни вкусови кои содржат поголеми количини шеќер или сол.
Замена за леб без јаглехидрати
Ако сте на некаква кето диета, веројатно избегнувате јаглехидрати, па ви треба леб што не ги содржи.
Направите неодолива замена за леб
Ви пренесуваме едноставен рецепт за таканаречен „лажен леб“ со минимална содржина на јаглени хидрати. Содржи само 0,8 g јаглени хидрати по парче.
Потребно е:
100 гр крем сирење по избор
3 јајца
1⁄2 лажичка прашок за печиво
малку сол
Подготовка:
Одделете ги белките и жолчките.
Изматете ја белката додека не се стегне и додадете малку сол.
Во друг сад изматете ги жолчките, крем сирењето и прашокот за пециво додека не добиете изедначена смеса, а потоа внимателно додадете ги белките во втората смеса со жолчки и внимателно измешајте.
Земете ја смесата со лажица црпалка и ставете ја на плех обложен со хартија за печење.
Лебот се пече 25 минути на 150 степени. Овој тост можете да го јадете со било каков намаз, сладок или солен, бидејќи има неутрален вкус.