Учениците од балетскиот оддел – насока за класичен балет, при ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ во период од 27 јануари до 3 февруари учествуваа на „International Berussa ballet and contemporary competition 2025 Di Art Organization“ во Бурса, Р.Турција, каде ги освоија највисоките награди.

„Непроценливо искуство и задоволство претставуваше овој натпревар за нашите ученици, да се претстават пред светски реномираното жири кое ги награди со највисоки оценки“, велат од ова училиште.

Инаку, првата награда ја освои младата балерина Антонија Атанасова под менторство на проф. Дафина Данилоска-Кочевска, додека третата награда отиде во рацете на Искра Давидовска (ментор проф.Слаѓана Спасеновска) и Дион Карпузи (ментор проф. Маја Митровска-Богојевска и проф.Дафина Данилоска-Кочевска).

Доделена беше и прва награда за ансамблот „Пахита“ (Мила Николова,Јана Кепеска, Антонија Атанасова, Веда Анѓушева, Матеа Канзурова, Томрис Шабан, Ина Стојановска, Симона Савевска, Виола Имери, Елса Ајрулаи, Лана Иванова, Теа Серафимов, ЈанаТалеска, Софија Дуданова, Софија Крстева), чиј ментор е проф. Дафина Данилоска-Кочевска.

Втора награда пак, ја освои ансамблот „Снегулки“ со „Оревокршачка” (ментор проф. Дафина Данилоска-Кочевска).

Стипендијата за Државно балетско училиште во Берлин (Berlin State Ballet School) ја доби Антонија Атанасова, Јана Кепеска и Виола Имери.

За наградите одлучуваше жири-комисија составено од директори на балетски училишта, професори и реномирани балетски уметници и кореографи, од повеќе градови од Европа и пошироко.

ИЗДВОЕНИ