Училишен атлетски натпревар во американската сојузна држава Вирџинија се претвори во драматичен инцидент, кога младата атлетичарка Кејлен Такер се здоби со сериозни повреди откако беше погодена со палка за време на штафетната трка.
Такер, ученичка од гимназијата Бруквил, го трчаше вториот натпревар од финалето на штафетата на 4×200 метри кога натпреварувачка од средното училиште Норком ја удри со палка во задниот дел од главата – додека Такер ја престигнуваше на надворешната страна од патеката.
По силен удар, тинејџерката изгубила рамнотежа, излетала од патеката и паднала држејќи се за глава.
Судиите веднаш реагираа и го дисквалификуваа тимот на Норком поради „контактно мешање“.
Според извештајот на ABC, Такер добила итна медицинска помош поради потрес на мозокот и можна фрактура на черепот.
Нејзината мајка веднаш истрчала на патеката заедно со медицинскиот персонал за да пружи помош.
Семејството откри дека никој од тимот на Норком, вклучително тренери или спортисти, не дошол да се извини или да ја провери нејзината состојба.
„Нема извинување. Нема тренер. Нема спортист. Ништо. Дури и да беше случајно, а не верувам дека беше, не добивме никаква реакција“, рече таа.
Инаку, инцидентот се случи само еден ден откако Кејлен го собори рекордот на натпреварувањето на 55 метри. Сè уште не е познато дали ударот бил случаен или намерен, но се чини дека видеото покажува дека е намерен.