Најтажниот четврток во Македонија: Последно испраќање на жртвите од кочанската „дискотека на смртта“

476

Днеска е последното испраќање на жртвите од кочанската „дискотека на смртта“. Во 11 часот во Штип, во 12 часот во Кочани и во 13 часот во Облешево, ќе се одржи погребната церемонија за жртвите од катастрофалниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“.

Останатите погреби ќе се одржат исто така во текот на денешниот ден во различни временски периоди. Објавено е времето и местата на погребите на членовите на ДНК. Пејачот на бендот Андреј Ѓорѓиески, ќе биде погребан на градските гробишта Бутел, а неговата колешка, професорка на Факултетот за музичка уметност Сара Пројковска на гробиштата во Горно Лисиче.

Погребот на младиот музичар од Струмица, тапанар на бендот, Ѓорѓи Ѓорѓиев ќе биде на градските гробишта во Струмица.

Од семејството на Андреј Ѓорѓиески соопштија дека погребот ќе биде во 10 часот, а од Факултетот за музичка уметност (ФМУ) на нивната фејсбук-страница објавија дека последниот поздрав за Сара ќе биде во Црквата „Свети Петар и Павле“ во Горно Лисиче, в четврток, од 12:00 до 14:00 часот.

Од Основното музичко училиште „Боро Џони“, каде што Ѓорѓиев беше вработен ја потврдија информацијата дека тој ќе биде погребан на градските гробишта во Струмица. Претходно, посмртните останки ќе бидат изложени во Градската капела од 12 часот, а во 10 часот вработените во музичкото училиште ќе одржат комеморативна седница.

Во црквата во штипско Ново Село, телата на Филип Стевановски и на Александар Коларов, кои беа дел од бендот на ДНК, ќе бидат изложени од 9 до 11 часот, а во истото време телото на Александар Ефремов, кој исто така беше дел од бендот, ќе биде изложено во црквата „Света Троица“ во Штип.

– Свештениците од локалните цркви ќе ги контактираат сите ужалени семејства со детали околу погребот, информираат од Центарот за управување со кризи.

Оттаму ги замолуваат сите граѓани на разумно постапување и достоинствено испраќање на жртвите во трагедијата во Кочани.

Вчера на Градските гробишта во Кочани екипи на јавните претпријатија го подготвуваа теренот. Граѓаните сè уште во шок, со солзи во очите во голема тага изразуваат почит кон настраданите, сочувствуваат со семејствата и се молат за побрзо опоравување на хоспитализираните. Сите заедно очекуваат истражните органи професионално да ја завршат истрагата и виновниците да одговараат.

ИЗДВОЕНИ