Дваесетте најсиромашни земји во светот, дом на 40 отсто од најсиромашните луѓе, се најзадолжени од 2006 година и се поранливи на природните катастрофи и економските шокови, покажува новиот извештај на Светската банка.

Извештајот укажува дека овие земји денес, во просек, се посиромашни отколку пред пандемијата Ковид-19, иако остатокот од светот во голема мера се опорави. Се нагласува сериозната пречка за напорите за искоренување на екстремната сиромаштија и ги истакнува напорите на Светската банка да собере 100 милијарди долари оваа година за да го надополни својот фонд за финансирање на најсиромашните земји – Меѓународната асоцијација за развој (ИДА).

Најслабите економии, со годишен приход по глава на жител под 1.145 долари, сè повеќе се потпираат на грантови и заеми од ИДА со речиси нула каматни стапки, откако финансирањето базирано на пазарот речиси престанало, информира Светската банка. Нивниот просечен сооднос меѓу долгот и БДП од 72% е на највисоко ниво во последните 18 години, а половина од овие земји се или во должнички проблеми или се изложени на висок ризик да станат такви.

– Повеќето од земјите опфатени во студијата се наоѓаат во субсахарска Африка, од Етиопија до Чад и Конго, но на листата се вклучени и Авганистан и Јемен. Две третини од 26-те најсиромашни земји се во вооружен конфликт или имаат потешкотии да го одржуваат редот поради институционалната и социјалната кревкост што ги попречува странските инвестиции и речиси го блокира извозот – се наведува во извештајот.

Асоцијацијата за меѓународен развој се надополнува на секои три години со придонеси од земјите членки на Светската банка. Во 2021 година беа собрани рекордни 93 милијарди долари, а претседателот на Светската банка, Ајај Банга, има за цел оваа сума да ја надмине 100 милијарди долари.

– Природните катастрофи предизвикаа хаос во овие земји во последната деценија. Од 2011 до 2023 година, природните катастрофи предизвикуваа просечни годишни загуби од 2% од БДП – пет пати повеќе од просекот за земјите со пониски средни приходи, што укажува на потребата од значително поголеми инвестиции – се наведува во извештајот.

Се препорачува земјите со значителна сива економија да преземат мерки за реформирање. Тоа вклучува подобрување на наплатата на даноци преку поедноставување на регистрацијата на даночните обврзници и даночната администрација, како и зголемување на ефикасноста на јавната потрошувачка.