Мисисипи, најсиромашната држава во САД, е на работ да ја надмине најголемата европска економија – Германија, во однос на БДП по глава на жител. Ова го објави „Еуроњуз бизнис“, кој ги спореди американските држави со европските земји, користејќи релевантни податоци од минатата година.
Тие податоци покажуваат дека БДП по глава на жител на Мисисипи заостанува зад германскиот само за 1.524 евра. Во 2024 година, Германија беше трета по големина економија во светот, придонесувајќи со 24,3 отсто во вкупниот БДП на ЕУ. Иако германската економија во тие споредби сè уште се држи, БДП по глава на жител на најсиромашната американска држава е поголем од БДП на останатите четири најголеми европски економии. Ја надминува Шпанија за 16.710 евра, Италија за 12.553 евра, Франција за 5.415 евра и Обединетото Кралство за 1.339 евра. Но, втората најсиромашна држава, Западна Вирџинија, има значително повисок БДП по глава на жител од сите пет европски земји, надминувајќи ја Германија за 5.270 евра.
Ако се земе предвид приспособувањето според паритетот на куповната моќ (ППП), бројките и рангирањето значително се менуваат. Според ММФ, кој ги приспособува овие бројки за американски долари, БДП по глава на жител во САД е 86.601 американски долари, додека просекот на ЕУ е 62.660 долари. Тогаш БДП по глава на жител, приспособен на ППП, во САД го надминува оној на сите земји на ЕУ, освен Луксембург и Ирска, кои се сметаат за исклучоци. Според Евростат, високиот БДП на Луксембург „делумно се објаснува со фактот дека голем број странски работници придонесуваат за БДП на земјата, иако тие не се дел од постојаното население на Луксембург“.