Стотици илјади гастарбајтери, меѓу кои голем дел од Балканот ќе се најдат во незавидна ситуација, а можеби ќе треба и засекогаш да се вратат дома, ако лидерот на Демохристијаните (ЦДУ), Фридрих Мерц, стане канцелар на Германија.
Тој е фаворит во трката за канцелар, а во кампањата игра на картата за укинување на Законот за двојно државјанство што го олеснува добивањето германско државјанство, кој е на сила од јуни 2024 година.
Неговата кампања се базира на една од најактуелните теми во Германија, а тоа е миграцијата. Тој се залага за полесни депортации, одземање на пасоши на „криминални“ имигранти и за сè што би можело да ги спречи странците да дојдат во Германија, пишува НИН. Законот што тој најавува дека ќе го укине го олесни добивањето германско државјанство кратејќи го тој процес од осум на пет години, со можност за добивање пасош по само три години за лицата со високо ниво на интеграција. Новите правила дозволуваат и двојно државјанство, кое претходно беше достапно само за граѓаните кои доаѓаа од земјите членки на ЕУ.
Освен со укинување на овој закон Фридрих Мерц се заканува и дека кога ќе стане канцелар ќе воведе построги мерки против мигрантите, преку кои тие полесно би се депортирале и би им се одземале пасошите на оние кои вршат кривични дела.
Иако дозволата за постојан престој обезбедува најголем дел од правата што ги имаат и Германците, германскиот пасош носи три клучни предности. Тоа се право на глас за секого, полесно патување низ светот, со оглед на тоа што германскиот пасош се смета за еден од најсилните во светот и најважно – можноста за трајно враќање во Германија, дури и по долго отсуство. Досега, доколку некој ја одјавеше својата адреса во Германија повеќе од шест месеци, автоматски ја губеше дозволата за престој, нотира НИН.
Изборите во Германија се закажани за 23 овој месец, а ЦДУ на чело со Мерц, според анкетите, убедливо води со околу 30 отсто од гласовите, со што може да смета на сигурна победа. Но, очите на гастарбајтерите се свртени и кон тоа со кого би можел да коалицира. Во Германија зајакнуваат екстремните десничари кои се жестоки противници на миграцијата, но мала е веројатноста дека ЦДУ ќе коалицира со таква партија. Ако дојде до коалиција со зелените или со социјалдемократите, странските работници можат да сметаат дека законот кој им го олеснува престојот во Германија – ќе опстане.
Според регулативата за Западен Балкан, околу 76.000 граѓани на Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија и Албанија имале дозволи за работа во Германија во Германија на крајот на 2023 година. Ова претставува зголемување од 22 отсто во споредба со 2022 година, кога Германија имаше околу 62.000 работници од овие земји кои добиле дозволи за работа.