Најпродавана книга за возрасни во издание на „Арс Ламина“ во 2024 година е „И јас сум Сирма“ од Зоран Спасов Ѕоф. Најпродаваното издание за деца е „Си беше еднаш“ – со најубавите бајки на сите времиња, кои се со нова раскажувачка адаптација на Оливера Ќорвезироска и илустрации од Наталија Лукомска. Во категоријата со образовни изданија, пак, најбарана беше збирката Математика 6. Издавачката куќа „Арс Ламина“ бележи успешна книжевна година, со објавени 190 нови наслови, од кои – 50 книги за возрасни, 70 публикации за деца и 70 образовни изданија и списанија.

Како што посочуваат од „Арс Ламина“ најпродаваната книга за возрасни „И јас сум Сирма“ е книжевен експеримент, историска фикција со примеси на драма, политички трилер и сатира. Авторот зема парчиња од нашата историја, од различни временски контексти и ги поврзува со една заедничка нишка – ликот на Сирма Војвода… Заработката од продажбата на оваа книга, како и претходните романи на Ѕоф, ќе биде донирана во хумани цели. На второ место е „Лејла“ од Колин Хувер, број еден авторка на бестселери на „Њујорк тајмс“. Станува збор за  роман што го истражува животот по трагедија и неуништливиот дух на љубовта. На третата позиција е првата авторизирана биографија на легендарниот фудбалер Дарко Панчев, чиј автор е доајенот на спортското новинарство Зоран Михајлов. Во изданието, Михајлов открива познати и помалку познати случувања, факти и анегдоти за Панчев. На четвртата позиција е новиот роман на популарната авторка Јана Мишо – „Што се случи со Исидора?“ Приказната во овој трилер почнува по смртта на екстравагантната авторка Ноемија Нера. Нејзините отуѓени ќерки се враќаат во готската опатија каде што пораснале, заради отворање на тестаментот… „Изгубениот“ и досега необјавен роман на нобеловецот Габриел Гарсија Маркес – „Се гледаме во август“  во издание на „Арс Ламина“, беше една од најбараните книги во 2024. Десет години по смртта на легендарниот колумбиски писател, книгата излезе од печат на македонски јазик, на неговиот роденден (6 март), истовремено во повеќе од 30 земји во светот. На шестото место е мотивациската книга „Твоите пет следни потези“ од креаторот на „Валјутејнмент“, број 1 канал на „Јутјуб“ за претприемачи и „еден од највозбудливите мислители“ во бизнисот денес, Патрик Бет-Дејвид. Топ-листата со најпродавани книги за возрасни во издание на „Арс Ламина“ ја комплетираат:  романот „Нов живот“ од најпознатиот современ турски писател, добитник на Нобеловата награда за литература, Орхан Памук, „ЗЕН Уметноста на едноставното живеење“ од Шунмио Масуно и бестселерот „Е, баш ме заболе“ од Марк Менсон.

Во 2024 „Арс Ламина“ ја збогати домашната литература за деца и млади со нови квалитетни и иновативни изданија. Покрај „Си беше еднаш“, наградуваната книга со избор од 52 најубави бајки на сите времиња од Ханс Кристијан Андерсен, браќата Грим и Шарл Перо, кои се спакувани во ново руво, високо на листата со најпродавани книги за најмладите читатели, објавени под „Либи“ – импринтот за детска литература на „Арс Ламина – публикации“, е и „Рокчето“ – првата книга за деца од познатиот македонски поет Никола Маџиров, со илустрации на Анета Илиевска. Следува „Нови бајки од Македонија“, објавена во соработка со Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ „Браво сине!“ На четвртата позиција се изданијата од едицијата „Размислувај како гениј“. Меѓу најбараните во 2024 беа „Исидора Мун и ѕвездата паѓалка“, „Исидора Мун оди на одмор“ и „Исидора Мун слави роденден“, како и книгите за палавата братучетка на Исидора, Мирабела Ѕвездоимагиевска: „Мирабела прави палавости“ и „Мирабела ги крши правилата“. На листата се и „Дина и Додо: Во циркус“ и сликовницата „Авантурите на Дина и Додо: Чорапот на Дедо Мраз“, лектирата за седмо одделение – „Збунети години“ од Велко Неделковски,  „Хари Потер и Каменот на мудроста“ и „Пиши- бриши“: „Животните од Африка“, „Животните од Антарктик“ и „Животните од Европа“.

 

ИЗДВОЕНИ