Новото раководство на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ги засука ракавите и се фати за работа, па веќе е во процес за имплементација на ВАР систем во македонскиот фудбал, иако оваа технологија е веќе добро развиена во речиси сите лиги во светот.
Со спроведувањето на ВАР технологијата, евидентно е дека ќе се направи значаен чекор во модернизацијата на Првата македонска фудбалска лига, а со тоа повеќе ќе нема поплаки од страна на клубовите за евентуални резултатски оштетувања во корист на противникот.
Во рамки на постапката, ФФМ веќе има добиено понуди од компании специјализирани за ВАР технологија и во моментот е во фаза на евалуација и избор на најсоодветниот понудувач. Притоа, од Куќата на фудбалот велат дека „овој процес се спроведува во тесна координација со ФИФА и УЕФА, во согласност со сите меѓународни стандарди за имплементација и користење на ВАР-системот“.
- Ние сме убедени дека имплементацијата на ВАР-системот ќе придонесе кон поголема транспарентност и квалитет во организирањето на натпреварите. Овој проект е важен чекор за нашата лига и со него не се обезбедува само поддршка на судиите, туку и создаваме услови за подобро функционирање и на клубовите, во насока на подобрување на постојната инфраструктура на стадионите и барањата за поставување платформи за ТВ-камери, согласно потребите за имплементација на ВАР, истакна Дејан Јакимовски, проектен лидер за имплементација на ВАР.
Во рамки на процесот, ФФМ проектниот тим одржува редовни работни сесии со ФИФА. Последниот се однесуваше на програмата за асистенција и одобрување на имплементацијата (ИААП) и споделување на најдобрите практики по однос на ВАР имплементации. Темите кои беа опфатени се однесуваа на технолошката инфраструктура и логистиката потребна за системот, обуката и развојот на судиите за работа со ВАР процесот на одобрување (лиценцирање) според глобалните стандарди на ФИФА.
Тоа значи дека веќе од следната натпреварувачка сезона, ВАР ќе биде дел од натпреварите во Првата МФЛ.
- ФФМ останува посветена на унапредување на фудбалската инфраструктура и создавање услови за фер и еднаков третман на клубовите, порачаа од Куќата на фудбалот.