Најново, градски воз во Скопје од идната пролет

2304

Новиот министер за транспорт и врски, Александар Николоски, во телевизиско гостување најави оти се размислува за воведување на таканаречен градски воз во рамки на градот Скопје. За таа цел би се искористила постојната инфраструктура во градот, која според него е релативно добра и на тој начин претпријатието „Македонски железници“ ќе генерира значајна сума на средства кои сега ги нема. А, воедно ќе можат да се искористат возовите што биле набавени од Кина пред крајот на мандатот на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ. – Зошто некој да се вози со автобус или со автомобил, да се создава загадување, кога може во точно предвидено време да стига од Драчево до Скопје? Тоа е нешто што ќе го иницирам со новиот директор на „Македонски железници“, истакна Николоски

 Новиот министер за транспорт и врски, Александар Николоски, во телевизиско гостување најави оти се размислува за воведување на таканаречен градски воз во рамки на градот Скопје, нешто што како што кажа ги имаат поголемите градови низ Европа.

Притоа, нагласи дека за таа цел би се искористила постојната инфраструктура во градот, која според него е релативно добра и на тој начин претпријатието „Македонски железници“ ќе генерира значајна сума на средства кои сега ги нема.

Николовски посочи дека на тој начин ќе можат да се искористат возовите што биле набавени од Кина пред крајот на мандатот на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ.

– Не се потребни нови возови. Тие кои ги имаме се сосема солидни. Се работи за градски возови – изјави Николоски.

Тој објасни дека има директна пруга која оди од населбата Драчево до центарот на Скопје, до главната Железничка станица која може да се искористи.

– Зошто некој да се вози со автобус или со автомобил, да се создава загадување, кога може во точно предвидено време да стига од Драчево до Скопје? Тоа е нешто што ќе го иницирам со новиот директор на „Македонски железници“ – истакна Николоски.

Тој рече дека ваквиот воз би можел да ја отвори следната пролетна сезона.

 – Има таква инфраструктура и до општината Ѓорче Петров и до општината Бутел и до делови од општината Гази Баба. Може да се направи еден цел прстен во Скопје, особено во населби што се тешко поврзани со центарот на градот. На тој начин ќе можат брзо да дојдат до центарот, а да се растовари сообраќајот – смета новиот министерот за транспорт и врски.

Во меѓувреме, скопската градоначалничка не успева да набави ниту 250 еко-автобуси, а ниту да го реализира проект БРТ, кој го започна нејзиниот претходник Петре Шилегов, а скопјани едвај пристигнуваат на саканите дестинации, бидејќи јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ сообраќа со редуциран возен ред, па тие се принудени да чекаат автобус и до еден час.

(А.П.)