Управата за јавни приходи, во текот на декември 2024 година, согласно со Законот за регистрирање на готовинските плаќања, спроведе контроли кај 696 објекти. Од вкупно извршените контроли, кај 512 даночни обврзници не се утврдени неправилности, а кај 140 даночни обврзници се утврдени неправилности за кои се изречени соодветни поднесоци.
Така, изречени се: 80 глоби за сторен прекршок неиздавање фискални сметки за извршениот промет на добра; 29 глоби за неводење книга за дневни финансиски извештаи; 16 глоби за незакупени и нерегистрирани резервни фискални апарати; 8 глоби за прекршок за некористење одобрен фискален систем на опрема за регистрирање на готовинските плаќања; една глоба за неиздавање парагон-блок за извршениот промет на добра, односно на услуга; 2 глоби за тоа што не прикажувале промет од македонски производи; 2 глоби за неистакнување на видно место соопштение со кое го информираат купувачот на доброто, односно корисникот на услугата, за обврската да побара фискална сметка и 2 глоби за тоа што не ги чувале и не ги одржувале фискалните апарати во исправна состојба.
– Кај 13 физички лица констатирано е вршење нерегистрирана дејност и за нив се преземени понатамошни постапки. При контролите, 31 деловен објект бил затворен/или објектите не биле најдени на наведената адреса/не вршеле дејност во моментот на вршење на контролата. Апелираме до сите даночни обврзници да ја почитуваат законската регулатива и да работат во согласност со неа. Даночната усогласеност не е само законска обврска туку и основа за создавање фер и праведен деловен амбиент, кој ги поттикнува растот и развојот на економијата – информираат од УЈП.