Најмалку 55 лица, меѓу кои шест членови на исто семејство, загинаа утринава во израелското бомбардирање на Појасот Газа, палестински извори вечерва објавија нов биланс на загинати. Претходно беше соопштено дека во нападот загинале 36 лица.
Индонезиската болница во Џабалија соопшти дека денеска ги примила телата на девет жртви по израелскиот напад врз полициска станица во градот на северната палестинска територија.
Израелската војска потврди дека извршила напад во областа, прецизирајќи дека цел биле „терористи кои дејствуваат во командно-контролниот центар на Хамас и Исламски џихад“.
Во вториот воздушен напад врз куќа во северниот дел на градот Газа загинаа шестчлено семејство, брачна двојка и нивните четири деца, соопшти Цивилната одбрана, додавајќи дека во куќата биле убиени уште шест лица.
Во неколку други напади загинаа најмалку 40 луѓе, особено во Кан Јунис, Ал Заваида и градот Газа.